Усвоен Планот за раст за Западен Балкан: Две исплати годишно, ако се исполнети условите

илустрација

Советот на Европската Унија конечно даде зелено светло за формирање на Фондот за реформи и раст за Западен Балкан, нов инструмент за поддршка на реформите поврзани со ЕУ и економскиот раст во регионот.

Со оваа одлука сите процедури се завршени и веднаш по објавувањето во официјалниот весник на ЕУ, одлуката стапува во сила.

Од тој момент, партнерите од Западен Балкан ќе бидат поканети да ги поднесат своите реформски агенди до Комисијата, во кои ќе бидат наведени социо-економските и фундаменталните реформи што планираат да ги преземат во следните три години.

Главниот збор при одобрувањето на финансиските средства ќе го имаат земјите-членки на ЕУ.

Плаќањата ќе се вршат двапати годишно, под услов партнерите да ги исполнат квалитативните и квантитативните чекори наведени во нивните реформски агенди.

Видете и ова: Европскиот парламент го одобри Планот за раст за Западен Балкан

Кога предусловите за поддршка не се исполнети или повеќето од нив не се исполнети, ЕУ може да одлучи да го суспендира ослободувањето на средствата.

Планот за раст за Западен Балкан ќе го покрие периодот помеѓу 2024 и 2027 година. Планирано е да се обезбедат шест милијарди евра за земјите од регионот.

Од оваа сума, две милијарди евра се во форма на грантови, а останатите четири милијарди евра се во форма на заеми со многу поволни рати.

Во соопштението објавено од Советот на ЕУ, се нагласува дека основна цел е да се поддржи усогласувањето на партнерите од Западен Балкан со вредностите, законите, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ, со цел идно членство во ЕУ, како и нивна прогресивна интеграција на единствен европски пазар, како и социо-економска конвергенција со ЕУ.

Планирани се финансиски средства за поддршка на голем број социо-економски и фундаментални реформи, вклучително и реформи поврзани со владеењето на правото и основните права.

За да добијат поддршка во рамките на овие инструменти, земјите од регионот мора да подготват Реформска агенда, во која ќе ги наведат реформите што планираат да ги преземат за да ги постигнат целите.

Посебно внимание треба да се посвети на тоа како земјите од Западен Балкан, меѓу мерките од реформската агенда, ќе придонесат за прогресивно и континуирано усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.