Израелската армија денеска (7 мај) потврди дека нејзината 401-ва оклопна бригада ја освоила палестинската страна на граничниот премин Рафа кон Египет.
Израелските медиуми јавуваат дека патната врска Салах ал-Дин во источниот дел на Рафа, која синоќа во офанзивата ја зазеде бригадата Гивати, сега е прекината.
Во таа операција, според израелската армија, биле убиени околу 20 вооружени лица, а војниците откриле три отвори за тунели.
Во средината на офанзивата било погодено и уништено возило полно со експлозив што се движело кон израелски тенк, соопшти армијата. Во таа операција нема повредени израелски војници.
Војниците сега ја пребаруваат областа и се вели дека се подготвуваат за дополнителни мисии.
Во меѓувреме, повеќе од 50 цели на Хамас во Рафа беа погодени од израелските воздухопловни сили.
Израел го објави почетокот на својата воена операција на Рафа, и покрај предупредувањата од Обединетите Нации, САД и Европската Унија и меѓународните хуманитарни организации дека нападот врз Рафа би бил катастрофален за околу 1,4 милиони луѓе таму.
Израелски функционер во понеделникот изјави дека не е договорен прекин на огнот во Појасот Газа, откако Хамас истиот ден објави дека го прифатил предлогот на египетските и катарските посредници во конфликтот меѓу Израел и Газа.
Видете и ова: Израелските тенкови и сили влегоа во градот РафаИзраелски функционер оцени дека предлогот што го прифати Хамас е „омекната“ верзија на египетскиот предлог, кој вклучува „далекосежни“ заклучоци што Израел не може да ги прифати.
Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите од Хамас, организација која САД, ЕУ и Обединетото Кралство ја сметаат за терористичка организација, на 7 октомври извршија напад врз Израел без преседан, при што загинаа околу 1200 луѓе, главно цивили, според израелските власти.
Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.
Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, загинаа повеќе од 34 735 луѓе (две третини од нив жени и деца) и рани повеќе од 78 108 лица.