Израелските тенкови и сили влегоа во градот Рафа

илустрација

Израелски тенкови и сили влегоа во градот Рафа, на југот од Газа, каде стигнаа на околу 200 метри од границата со Египет, изјавија палестински и египетски официјални лица кои побараа да останат анонимни, пренесуваат медиумите.

Египетски функционер изјави дека се чини дека станува збор за операција од ограничен обем и дека израелските власти го информирале Египет дека војниците ќе се повлечат по завршувањето на операцијата.

Израелските одбранбени сили (ИДФ) одбија да ги коментираат наводите, а американските медиуми не можат независно да го одредат опсегот на операцијата.

Информациите доаѓаат еден ден откако Израел нареди евакуација на повеќе од 100 000 Палестинци од Источен Рафа во „безбедна зона“ во близина на градот Кан Јунис.

Видете и ова: Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно соопштија дека изведуваат „целни напади“ против Хамас во источниот дел на Рафа, а палестинските власти соопштија дека во воздушните напади загинале најмалку пет лица. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.

Израелскиот воен кабинет вчера одлучи да ја спроведе планираната операција во Рафа со цел „да изврши воен притисок врз Хамас“, и покрај претходната изјава на Хамас дека палестинската група се согласила со египетско-катарскиот предлог за прекин на огнот.

Израелскиот кабинет објави дека целта на „операцијата“ во Рафа е да се постигне напредок во ослободувањето на заложниците, како и други воени цели.

Војната започна откако Хамас го нападна Израел на 7 октомври, според израелските податоци, уби 1200 луѓе и зеде 252 заложници. Според Министерството за здравство на Хамас, повеќе од 34 600 Палестинци се убиени во израелските напади.