Денеска(7 мај) во Москва ќе се одржи инаугурацијата на старо-новиот руски претседател, Владимир Путин, со што и официјално ќе започне неговиот петти шестгодишен мандат, а на церемонијата нема да присутвуваат амбасадорите на Европската Унија и на САД во Москва.
Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, изјави дека одлуката е во согласност со ставот на мнозинството земји-членки на Унијата.
„Нашиот амбасадор нема да присуствува, а нема да присуствуваат ни повеќето земји-членки, рече Стано“, пренесен од британските медиуми.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, изјави дека американскиот амбасадор во Москва нема да присуствува на инаугурацијата на рускиот претседател.
Британските медиуми вчера објавија дека францускиот амбасадор во Русија ќе присуствува на инаугурацијата, за разлика од Германија, која нема да испрати свој претставник.
Неименуван извор изјавил дека Париз претходно го осудил „контекстот на репресија во кој се одржаа изборите, лишувајќи ги гласачите од вистински избор“, како и организирањето избори на украинските територии „окупирани“ од Русија, за кои Франција смета дека е кршење на меѓународното право и повелбата на Обединетите Нации.
Видете и ова: Новите предизвици за Русија и светот во петтиот мандат на ПутинГерманија најави дека нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на Путин.
Делегација на Велика Британија, исто така, нема да присуствува на денешната церемонија, соопшти Форин Офисот.
„Велика Британија нема да испрати свој претставник на инаугурацијата на претседателот Владимир Путин“, изјави портпаролот на британското Министерство за надворешни работи, пренесен од британските медиуми.
Министерството за надворешни работи на Украина ги повика сојузниците на Киев да не го признаваат Путин како легитимен претседател на Русија.
„Украина не гледа правна основа да го признае како демократски избран и легитимен претседател на Руската Федерација“, се наведува во соопштението.
И Балтичките земји, кои веќе немаат дипломатски претставници во Москва, исто така, категорично ја отфрлија можноста да присуствуваат на инаугурацијата на Путин.