Кој ќе биде власт, а кој ќе биде опозиција? На ова прашање политичките партии се обидоа да дадат одговори и побараа поддршка од симпатизерите во нивните говори на изборните митинзи во последниот ден од парламентарната изборна кампања.
Опозициската ВМРО- ДПМНЕ од Прилеп испрати порака дека на овие избори може да достигнат и до 61 пратеничко место. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски денеска изјави дека сите досегашни обвинувања за корупција и криминал ќе решаваат преку правни канали, и како што тврди нема да има одмаздичко однесување.
„СДСМ треба својот пораз да го бара не само во изминатите неколку месеци, туку уште во корона кризата кога направиле злоупотреба на државните ресурси, институции“, изјави Мицкоски.
Од владејачката СДСМ во центарот на Скопје од плоштадот Јадран, побараа од граѓаните да размислат кому ќе ја дадат поддршката затоа што, како што велат, нивната одлука може да има сериозни последици.
„Пред да го заокружите бројот, убаво размислете каква иднина замислувате за Македонија, каква држава сакате за вас и вашите деца“, изјави лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
Видете и ова: Мицкоски ја известил меѓународната заедница и ОБСЕ за изборни нерегуларности од ДУИ
На само неколку часа пред изборниот молк некогашните сопартијци лидерите на СДСМ и ЗНАМ Димитар Ковачевски и Максим Димитриевски си разменија жестоки критики. Ковачевски го обвини Димитриевски дека неговата партија ја основал во „Белата Палата“. Димитривски пак, тврди дека Ковачевски и неговите сопартијци ја напуштиле социјалдемократската идеологија поради лични интереси.
Претходно денеска лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и неговиот колега од коалицијата Вреди Арбен Таравари се сретнаа во седиштето на коалицијата на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Од ВМРО- ДПМНЕ велат дека на средбата се разговарало за принципите за можно идно коалицирање и заедничка соработка.
Средбата на Мицкоски и Таравари се случува само на два дена пред вториот круг од претседателските и парламентарните избори на 8 мај. Таравари беше еден од седуммината кандидати за претседател, но не влезе во вториот круг на изборите. Тој во првиот круг освои 83.337 гласови.
На ова средба следуваше и реакција од коалицијата „Европски Фронт“.
„Секој глас за „Вреди“ е глас за ВМРО-ДПМНЕ“, напиша потпретседателот и портпарол на ДУИ, Арбер Адеми, коментирајќи ја нивната средба.
Инаку, на истиот плоштад во Тетово вечерва својот завршен митинг го одржува и коалицијата Вреди. Првично, двете коалциии ги закажаа завршните митинзи во исто време, но потоа Европскиот фронт се повлече и го организираше еден ден порано односно во недела.
Во меѓувреме денеска полицијата во Тетово соопшти дека до нив пристигнале пријави за оштетени билборди и реклами паноа на една политичка партија.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, се вели во соопштението.
На 8 мај, граѓаните ќе гласаат на двојни избори, ќе може да гласаат за избор на претседател и за избор на 120 пратеници.