Ирански активист осуден на смртна казна поради пост на социјални мрежи

Илустрација, карикатуристи изразуваат противење на честата употреба на смртна казна во Иран

Ирански суд го осуди активистот Махмуд Мехраби на смрт поради објавување пораки со критика за Исламската република на социјалните мрежи. Тој бил осуден за кривично дело именувано како „корупција на Земјата“, што се смета за најсериозното дело според иранскиот исламски кривичен законик.

Адвокатот на Мехраби, Бабак Фарсани, на 5 мај напиша на социјалните мрежи дека има „сериозни проблеми“ со пресудата за која се надева дека ќе помогне да се укине од страна на Врховниот суд.

Според изјавите на неговата сестра Хајар Мехраби, која живее во Австрија, Мехраби бил уапсен во февруари 2023 година и ги поминал последните шест месеци во затвор каде се чуваат опасни криминалци.

Таа за Радио Фарда на РСЕ на 5 мај изјави дека нејзиниот брат бил меѓу десетиците илјади луѓе кои протестираа за време на немирите „Жени, живот, слобода“ во 2022 година.

Протестите беа иницирани од смртта на Махса Амини, девојка која почина во полициска станица, откако беше приведена поради наводно несоодветно почитување на строгиот кодекс на облекување на Иран за жените.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Тумаџ Салехи, иранскиот рапер осуден на смрт и покрај глобалните протести


Мехраби објави повици за протести на својот профил на социјалните мрежи и беше обвинет за „ширење лажни вести“, рече неговата сестра.

„Судијата му рече: „Не гледам жалење во твоите очи, затоа те осудив на смрт“, додаде таа.

Обвинението за „корупција на Земјата“ обично се покренува против сериозни кривични дела, како што се убиства, трговија со дрога и случаи на финансиска корупција од висок профил. Останува нејасно што точно објавил Мехраби на интернет за да биде обвинет за такво кривично дело за кое според исламскиот кривочен законик се осудува со смртна казна.

Ова за една недела е втор случај со пресудена смртна казна. Претходно суд во иранскиот град Исфахан го осуди на смрт популарниот ирански рапер Тумаџ Салехи за неговите антиестаблишмент песни.

Организациите за заштита на човекови права остро ги критикуваа иранските власти за нивната широка употреба на смртната казна.

„Иранските власти безмилосно спроведуваат егзекуција. Затворите низ целата земја станаа места на масовни убиства одобрени од државата под превезот на судски егзекуции“, објави неодамна Амнести интернешенел.