Мировната мисија на НАТО во Косово, КФОР, заедно со Мисијата на Европската унија за владеење на правото, ЕУЛЕКС и полицијата на Косово утре ќе одржат заедничка вежба, насловена „Златна сабја 2024“.
Во соопштението на КФОР е наведено дека целта на вежбата што ќе се одржи во кампот Врело е да ги тестира вештините за спроведување заеднички процедури во справувањето со можни кризи и безбедносни сценарија.
Видете и ова: Од ЕУ велат дека мерките против Косово остануваат на сила
Според соопштението, во вежбата ќе бидат вклучени голем број на војници, возила и опрема кои ќе дејствуваат низ областа Врело.
„’Златна сабја 2024‘ е одраз на нашата долгорочна соработка и посветеност за поддршка на стабилна безбедност на цело Косово, за доброто на заедниците“, се вели во соопштението на КФОР.
Командантот на КФОР, Озкан Улуташ вели дека оваа вежба ја симболизира посветеноста на мисијата на мирот и стабилноста на Косово и ќе ја покаже подготвеноста за зачувување на регионалната стабилност.
КФОР го спроведува својот мандат на ОН, врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност од 1999 година, да обезбеди безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово, како и слобода на движење, во секое време и непристрасно.