Италијанската влада планира да формира регулаторно тело кое ќе ги надгледува финансиите на професионалните спортски клубови. Овој план во понеделникот (на 6 мај) предизвика јавен спор со шефот на италијанскиот олимписки комитет (CONI) и други спортски работници.
Регулаторот ќе има надлежност да го надгледува „економското и финансиското управување“ на клубовите во спортови како што се фудбалот и кошарката за да се осигура дека тие се и здрави и одржливи, се вели во нацрт-владините предлози во кои имаше увид новинската агенција Ројтерс.
Предлозите се слични на британските, каде се планира да се назначи регулатор за англискиот фудбал. Британскиот план се уште го разгледуваат пратениците.
Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) ќе разговара за тоа како да одговори на предлогот на посебен состанок во понеделник навечер, изјави официјален претставник.
Спортските работници во Италија се загрижени дека мерките би можеле да ги прекршат правилата за да се спречи политичко мешање во спортот.
Видете и ова: Истрагата за местење натпревари во ФФМ под превезот „тајна“„Имам сериозни сомневања дека овој предлог ќе биде прифатен од меѓународните спортски тела“, рече претседател на италијанскиот олимпски комитет Џовани Малаго во интервју за весникот La Repubblica.
„Ако не, ризикуваме да се залажуваме на светската сцена и, за жал, тоа не би било првпат една италијанска влада да се најде во таква позиција“, додаде тој.
Министерот за спорт Андреа Абоди возврати, велејќи дека има јасен простор за подобрување во начинот на кој се управуваат особено фудбалските клубови.
„Штета е што не се крена истата врева кога даночните долгови за над 100 милиони евра за професионалните клубови во првите три дивизии беа отпишани само во последните две години“, изјави тој за италијанското радио Раи.
Мерките се очекува да бидат дел од поширокиот спортски декрет што ќе го претстави владата кон крајот на овој месец.