Израелската армија нареди евакуација пред операцијата во Рафа

Илустрација, архивска фотографија по напад врз Рафа

Израелската војска им наредила на Палестинците кои живеат во населбите во Источен Рафа, во близина на оградата со Израел, да се евакуираат од областа, јавуваат израелските медиуми.

Радиото на израелската армија соопшти дека наредбата дошла пред „воен напад“ и дека на Палестинците им било кажано да се движат кон камповите за раселени лица во областите Кан Јунис и Ал-Маваси.

Според израелските одбранбени сили (ИДФ), станува збор за операција со „ограничен опсег“.

На околу 100.000 луѓе им е наредено да се евакуираат, изјави портпаролот на израелските одбранбени сили. Тој посочи дека војската нема да постави распоред за евакуација на Рафах и дека ќе изврши „оперативни проценки“.

Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања (OCHA) претходно соопшти дека израелскиот копнен напад врз Рафа ќе ги доведе во опасност животите на стотици илјади жители на Газа и ќе им нанесе голем удар на хуманитарните активности на целата палестинска територија.

Видете и ова: Хамас подготвува одговор на понудата за прекин на огнот во Газа


Израел се заканува дека ќе изврши копнен напад врз Хамас во Рафа, каде што се засолниле речиси милион луѓе.

„Тоа би можело да биде масакр на цивили и неверојатен удар за хуманитарните операции во целиот Појас, бидејќи тие се управуваат главно од Рафа“, рече портпаролот на OCHA, Јенс Лаерке.

Претставник на Светската здравствена организација (СЗО) истакна дека е подготвен план во случај на копнен напад, кој вклучува нова полска болница, но предупреди и дека нема да биде доволно за да се спречат голем број жртви.