Американската полиција денеска (3 мај) ги протера студентите - пропалестински демонстранти, од Универзитетот во Њујорк по повик од претставниците на институцијата.
Ова е последна од низата полициски акции по неколкунеделните пропалестински протести во универзитетските кампуси низ САД, во кои беа уапсени речиси 2.200 луѓе.
Полицијата често интервенираше со опрема за сузбивање демонстрации – со тактички возила и шок-бомби за да се отстранат шаторите што ги поставија студентите во окупираните студентски згради.
Видете и ова: Зошто протестираат студентите на американските универзитети?На социјалната мрежа Икс, заменик-полицискиот комесар Каз Датри напиша дека од Универзитетот во Њујорк побарале полициска помош за разбивање на нелегален шаторски камп на имотот на Универзитетот. Тој наведе дека полицијата е на Универзитетот, а засега нема информации за евентуални апсења.
На почетокот на оваа недела, повеќе од 100 луѓе беа приведени за време на полициската акција на Универзитетот Колумбија, исто така во Њујорк, каде што започнаа протести и поставување шатори поради војната на Израел со милитантната група Хамас која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка.
Од 18 април, агенцијата Асошиејтед Прес има регистрирано најмалку 56 случаи на апсење на 43 различни универзитети во Америка. Оваа информација се заснова на известувањата на новинската агенција, како и на изјавите од универзитетите и полицијата.
Вчера во утринските часови, полицијата дејствуваше и против толпата демонстранти на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес, каде што беа приведени најмалку 200 демонстранти бидејќи стотици одбија да ги послушаат наредбите за растерување, а некои формираа „жив ѕид“ пред полицијата.
Во акцијата, полицијата демонтирала барикади од дрво, метални огради и корпи за отпадоци, а потоа ги отстранила и шаторите.
Со протестите кои се проширија ширум универзитетските кампуси низ САД, студентите бараат универзитетите да престанат да соработуваат со Израел, но и компаниите за кои сметаат дека ја поддржуваат војната во Појасот Газа.
Израел ги осуди протестите како антисемитски, додека израелските критичари велат дека земјата ги користи ваквите обвинувања за да ги замолчи противниците.
Иако некои демонстранти со видеозаписи се забележани како даваат антисемитски изјави или имаат насилни закани, организаторите на протестот, од кои некои се Евреи, велат дека тоа е мирно движење за одбрана на палестинските права и протест против војната.
Видете и ова: Судир меѓу пропалестински и произраелски групи на кампус во КалифорнијаАмериканскиот претседател Џо Бајден во четвртокот го бранеше правото на студентите на мирни протести, но ги осуди немирите предизвикани во кампусите во последните денови.
Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите од Хамас на 7 октомври извршија напад врз Израел при што загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили, покажуваат податоците од израелските власти.
Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 сè уште се заробени во Појасот Газа.
Израел потоа започна офанзива на Газа во која, според Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас, досега загинаа повеќе од 34.500 луѓе – две третини од нив жени и деца, а ранети се повеќе од 77.800.