Американскиот претседател Џо Бајден повика на ослободување на сите затворени новинари, вклучително и Алсу Курмашева од Радио Слободна Европа (РСЕ) и Еван Гершкович од Волстрит журнал, кои се притворени во Русија поради обвиненија што тие, нивните работодавци и нивните поддржувачи ги отфрлаат како политички мотивирани.
„Новинарството не треба да биде криминал никаде на Земјата“, рече Бајден во изјавата по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите.
„Во Русија, американските новинари Еван Гершкович и Алсу Курмашева се затворени во врска со нивната работа за Волстрит журнал и за Радио Слободна Европа/Радио Слобода“, рече Бајден.
Видете и ова: Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и ГершковичКурмашева, новинарка од Прага на РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, се наоѓа во притвор во Русија од 18 октомври под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“.
Станува збор за закон за кој критичарите и групите на борци за права велат дека се користи од Кремљ за сузбивање на секое несогласување.
Курмашева, која има 47 години, е обвинета и за ширење невистини за руската војска и се соочува со казна затвор до 10 години доколку биде осудена.
РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинарка во Радио Слободна Европа.
Гершкович, пак, се наоѓа во притвор од март минатата година поради обвиненијата за шпионирање кои тој и весникот жестоко ги негираат, велејќи дека 32-годишникот кога бил уапсен само си ја вршел својата работа како акредитиран известувач.
Москва се обвинува дека приведува Американци со цел потоа да ги користат за пазарење за размена на затворените Руси во САД.
„На Светскиот ден на слободата на медиумите, САД повикуваат на итно и безусловно ослободување на сите новинари кои се ставени зад решетки затоа што едноставно ја извршуваат својата работа“, рече Бајден, споменувајќи го и Остин Тајс, американски хонорарен новинар киднапиран и држен во Сирија од 2012 година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Бајден рече дека американската администрација наскоро ќе објави конкретни чекори како одговор на неправилното притворање новинари ширум светот, нарекувајќи ја репресијата на слободата на печатот „тешка закана“ за националната безбедност на Америка.
„Ќе одобрам мерки, вклучително и санкции и забрани за визи, против оние кои преземаат дејствија за да го замолчат печатот“, рече тој.
„Денес и секој ден, ја препознаваме нивната храброст, го поддржуваме нивното право да ја вршат својата работа и стоиме со нив за слободата на печатот“.