Рускиот воен персонал влегол во воздухопловна база во Нигер каде се стационирани американски војници, изјави висок американски воен функционер за Ројтерс.
Ваквиот потег следува по одлуката на нигериската хунта да ги протера американските сили од земјата.
Воените офицери кои владеат со оваа западноафриканска држава им наредија на САД да ги повлечат своите речиси 1.000 војници од Нигер, кои до минатогодишниот пуч беа клучен партнер во борбата на Вашингтон против бунтовниците кои убија илјадници луѓе и раселија милиони лица.
Видете и ова: Русија испрати систем за противвоздушна одбрана и воени инструктори во НигерВисокиот американски воен претставник, кој побарал да остане анонимен, вели дека руските сили не се мешале со американските војници, туку користат посебна просторија во 101-та воздухопловна база, која се наоѓа веднаш до меѓународниот аеродром Диори Хамани во Ниамеј, главниот град на Нигер.
Овој потег на руската војска ги става американските и руските војници во непосредна близина едни до други, во време кога военото и дипломатското ривалство меѓу двете земји станува се поинтензивно поради конфликтот во Украина.
Тоа, исто така, покренува прашања за судбината на американските воени постројки во земјата по повлекувањето на војниците
„Ситуацијата не е одлична, но може да се реши на краток рок“, вели воениот функционер.
Иако не се донесени никакви одлуки за иднината на американските војници во Нигер, официјалниот воен претставник посочува дека планот е тие да се вратат во матичните бази на американската команда за Африка, кои се наоѓаат во Германија, пренесува Ројтерс.
По пучот, американската војска пресели дел од своите сили во Нигер од воздухопловната база 101 во воздухопловната база 201 во градот Агадез. Засега не е јасно каква американска воена опрема останала во 101-та воздухопловна база.
Видете и ова: Амнести и Хјуман рајтс воч: Вагнер и помага на армијата на Мали да убива цивилиСАД и нивните сојузници беа принудени да преместат војници од голем број африкански земји по државните удари што доведоа на власт групи кои се обидуваат да се дистанцираат од западните влади. Покрај претстојното заминување од Нигер, американските војници изминативе денови го напуштија и Чад, а француските сили беа протерани од Мали и Буркина Фасо.
Во исто време, Русија се стреми да ги зајакне односите со африканските држави, претставувајќи ја Москва како пријателска земја без колонијални мината на континентот.
Мали, на пример, стана еден од најблиските африкански сојузници на Русија во последниве години, а платеничките сили на групата Вагнер беа распоредени таму за да се борат против бунтовниците.