Официјални претставници на Европската унија (ЕУ) велат дека рестриктивните мерки против Косово ќе бидат укинати кога за тоа ќе одлучат земјите-членки на ЕУ, а не косовските политичари.
„Останува на земјите-членки да ја разгледаат ситуацијата и потоа заедно со европските институции да одлучат дали ќе ги укинат мерките или не. Можам само да потврдам дека разговорите се уште се во тек, а можам да ве потсетам дека мерките не се уште подигнати“, изјави на 2 мај портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
Овој коментар на портпаролот Стано во Брисел доаѓа откако косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на ЕУ за укинување на казнените мерки против Косово.
Во јуни минатата година, ЕУ воведе мерки против Косово, откако косовските власти ги игнорираа барањата за деескалација на ситуацијата во општините со српско мнозинство на север.
Видете и ова: Српските пратеници ја изгласаа новата ВладаКазнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.
Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.
Неколку дипломатски извори изјавија за РСЕ во Брисел на крајот на април дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.