Кој ќе формира нова Влада по парламентарните избори 8 мај, беше главното прашање по кое си испратија пораки претставниците на политичките партии. На само 6 дена пред одржување на изборите претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски изјави дека „тој што не може да формира влада изгубил на изборите“.
„Прво, тој што не може да формира влада значи изгубил на изборите бидејќи влада се формира со минимум 61 пратеник. Ќе видиме како ќе бидат финалните резултати на 8 мај, бидејќи изборите уште не се завршени и тогаш ќе може да се разговара во однос на формирање на влада“ изјави Ковачевски по средбата со претставниците на раководството на Стопанската комора на северозападна Македонија.
Актуелниот министер за надворешни работи Бујар Османи кој беше и кандидат за претседател на коалицијата „ Европски фронт“ предводена од ДУИ изјави дека не може да има Влада без двојно мнозинство, парламентарното од 61 пратеник плус Бадентерово, а таквите тврдења ги темелеше на Охридскиот рамковен договор.
„Епа изгледа треба пак да нацртам. Еве ви кажувам без ДУИ нема бадентер, а без бадетер нема функционална Влада“, изјави Османи на денешната прес конференција.
Видете и ова: ВМРО-ДПМНЕ пријавиле најмногу донации за изборната кампањаОва доаѓа по неколку јавно искажани ставови на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со кои ја отфрла можност за постизборно коалицирање со ДУИ. Потпретседателот на ВМРО- ДПМНЕ и носител на листа во 4. изборна единица Александар Николоски изјави дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети е исклучена секаква соработка.
„Ние сме многу сериозни дека ДУИ ќе оди во опозиција, јас сум свесен дека до првиот круг најголем дел од политичката елита и дел од граѓаните во Македонија мислеа дека блефираме и дека го правиме тоа за политички поени,“ изјави Николовски на 2 мај во интервју.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, деновиве изјави дека идната влада ќе ја предводи неговата партија, и дополни дека во неа ќе учествува и коалицијата на албанските опозициски партии кои на изборите настапува под името Вреди.
Во меѓувреме, опонентите од албанскиот политички блок се расправаат околу тоа кој ќе го одржи последниот митинг в понеделник ( 6 мај) на тетовскиот плоштад.
Градоначалникот на општината Тетово Биљал Касами кој е дел од опозициската коалиција „Вреди“ денеска (2 мај) изјави дека на градскиот плоштад во Тетово на 6 мај коалицијата „Вреди“ ќе го одржи завршниот митинг за парламентарните избори на 8 мај и за тоа не одлучува вицепремиерот Артан Груби.
„Артан Груби не е тој кој одредува кој и кога ќе одржи предизборни митинзи. Не сме во полициска држава. И со ова Артан Груби и ДУИ покажуваат дека дека се со паметот на Путин, со размислувањето на Русија. Тие побараа дозвола од полицијата, законот не предвидува собирите да добијат дозвола или организаторите на собирите да добијат дозвола од полицијата, законот предвидува општините да стопанисуваат со јавните простори“, изјави Касами.
Претходно Арбр Адеми од Европскиот фронт апелира до албанската опозиција да ја преиспита својата одлука, и да се определат за друг простор или некој друг ден.
„Оваа ненадејна одлука на албанската опозиција не дека е во спротивност со принципите на взаемно разбирање и соработка за да има слободни и демократски избори, туку претставува и провокација да се наштети на јавната безбедност и мирот“, изјави неодамна Адеми .
Во првиот круг од претседателските избори разликата во гласови меѓу Османи како кандидат на коалицијата „Европски фронт“ и освоените гласови од Арбен Таравари кандидат на коалицијата „ Вреди“ изнесува 696 гласа. Османи освои 14 726, а неговиот противник Таравари заврши со 14 030 гласови.