Швајцарија објави дека засега Русија не е поканета на мировните преговори за Украина

илустрација

Швајцарската влада денеска соопшти дека „во оваа фаза“ Русија не е поканета да учествува во разговорите за постигнување мировен договор меѓу Москва и Украина, што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.

„Швајцарија е убедена дека Русија треба да биде вклучена во овој процес“, се вели во соопштението на владата во Берн.

Исто така се додава дека мировниот процес без Русија е невозможен.

Русија, која пред две години ја почна инвазијата врз Украина, соопшти дека швајцарската иницијатива е осудена на пропаст без учеството на Москва.

Видете и ова: Русија ја отфрла мировната конференција во Швајцарија

Постојаниот руски претставник во Обединетите Нации во Женева, Генадиј Гатилов, изјави дека иако Москва не е против преговорите за завршување на војната, нема да учествува во преговорите во Швајцарија, земја за која вели дека се откажала од неутралност во својот став за конфликтот.

Швајцарија усвои санкции на Европската Унија против Русија поради инвазијата и замрзна околу 7,7 милијарди швајцарски франци финансиски средства на Русите, кои Гатилов ги опиша како „ограбени пари“.

Според рускиот дипломат иницијативата е дизајнирана да ги натера тие земји да ја поддржат мировната формула на украинскиот претседател Володимир Зеленски, за која рече дека е неприфатлива за Русија.