Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека се исполнети сите барања на Европската Унија (ЕУ) за укинување на казнените мерки против Косово, кои беа воведени кон средината на минатата година, бидејќи официјална Приштина ги игнорираше барањата во врска со деескалација на состојбата во општините со српско мнозинство на северот.
Курти рече дека минатата недела ЕУ го одобрила Планот за економски раст за Западен Балкан - вреден 6 милијарди евра - со цел да се забрза европската интеграција на регионот.
„Мерките кои се во сила против Косово се спротивни на напорите на регионот за забрзување на интеграцијата во ЕУ, особено кога станува збор за Планот за раст и неговата цел. Ние продолжуваме со нашите напори да отвориме повеќе можности за реформи во рамките на дијалогот со ЕУ. Во тој контекст, ние ги исполнивме сите барања на ЕУ за укинување на рестриктивните мерки и тие мерки мора да бидат отстранети“, рече Курти на состанокот на Советот на министри за евроинтеграции на 2 мај.
Видете и ова: Косово бара од ЕУ да ги укине „неправедните“ казнени меркиКазнените мерки што ЕУ ги наметна за Косово се однесуваат на привремено суспендирање на работните групи за Спогодбата за стабилизација и асоцијација, непоканување на Косово на средби на високо ниво и прекинување на билатералните посети.
Исто така, укинати се и средствата за Косово кои беа планирани со Инвестициската рамка и инструментите за претпристапна помош - ИПА 2024 година.
Неколку дипломатски извори за РСЕ изјавија дека мнозинството земји-членки на ЕУ се за укинување на рестриктивните мерки за Косово. Единствената разлика меѓу земјите-членки беше дали мерките треба да се укинат веднаш или постепено.
Курти на состанокот на Советот на министри зборуваше и за аспирациите на Косово да стане членка на ЕУ. Тој рече дека Приштина е подготвена да добие статус на земја кандидат и да ги отвори преговорите за членство.
„Како најнапредна демократија во регионот, подготвени сме да одговориме на илјадници технички прашања кои доаѓаат од Европската Комисија. Споредено со регионот, Косово не е подготвено само за кандидатски статус, туку и за отворање преговори и многу поглавја за членство. Членството во Европската Унија е стратешки избор“, рече Курти.
Косово поднесе апликација за членство во ЕУ, на 15 декември 2022 година.