Критики за Бајден зошто нема коментар за студентските протести во американските универзитети

Протест на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (UCLA), 1 мај 2024 година

Американскиот претседател Џо Бајден допрва треба да ги коментира студентските протести и полицискиот одговор додека републиканците се обидуваат да ги искористат немирите во кампусот поради војната во Газа во кампања против демократите.

По неколку години спорадични студентски протести и маршеви низ градовите, кревајќи го својот глас за расна правда, борба против климатските промени и воведување контрола на оружјето, протестите поради војната во Газа на универзитетите низ САД не престануваат, дури и откако полицијата на некои од кампусите ги уапси демонстрантите.

Универзитетот Колумбија, каде што започна сè, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за прекин на демонстрациите.

Тензиите на колеџите и универзитетите продолжуваат да се зголемуваат бидејќи некои демонстранти одбиваат да ги отстранат камповите, а администрациите се обраќаат до полицијата за да ги расчисти насилно, што доведе до судири кои го привлекоа вниманието на политичарите и медиумите.

Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени, а 253 други беа однесени во Газа како заложници кога

Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.

Последниот јавен коментар на Бајден дојде пред повеќе од седум дена, кога ги осуди „антисемитските протести“ и „оние кои не разбираат што се случува со Палестинците“.

Белата куќа, која беше бомбардирана со прашања од новинарите, отиде само малку подалеку од претседателот.

Во средата, 1 мај, портпаролката Карин Жан-Пјер рече дека Бајден „внимателно ја следи ситуацијата“ и дека некои демонстрации ја преминале границата што ја дели слободата на говор од незаконското однесување.

„Насилното преземање на зграда“, како она што се случи на Универзитетот Колумбија во Њујорк, не е мирно“, рече таа.

Видете и ова: Зошто протестираат студентите на американските универзитети?

Републиканците ги обвинуваат демократите за немирите и ги користат за критики на прес-конференции.

„Потребно ни е претседателот на Соединетите Држави да зборува за ова прашање и да каже дека ова е погрешно“, рече претседателот на Претставничкиот дом Мајк Џонсон, републиканец од Луизијана, на 30 април.

„Она што се случува на колеџските кампуси во моментов не е правилно“, рече Џонсон.

Тој ја посети Колумбија минатата недела со другите членови на клубот. Републиканците во Домот се судрија со демонстрантите додека тие разговараа со медиумите на Универзитетот Џорџ Вашингтон во Вашингтон на 1 мај. И поранешниот претседател Доналд Трамп, веројатниот претседателски кандидат на неговата партија на изборите во ноември годинава, исто така го критикуваше Бајден во интервју на Фокс њуз.