Нови руски ракетни напади врз Одеса

Рускиот ракетен напад врз Одеса рано на 2 мај, наводно, ги оштетил магацините на локалниот огранок на украинската поштенска служба

Четиринаесет луѓе се повредени во рускиот ракетен напад рано на 2 мај врз украинското црноморско пристаниште Одеса, а оштетена е и критична цивилна инфраструктура, изјави на Телеграм началникот на воената администрација во регионот, Олех Кипер.

Кипер рече дека нападот предизвикал пожар и дека се оштетени складиштата на локалната филијала на Украинската пошта.

Во рускиот напад на Одеса претходниот ден тешко беше ранет маж, кој подоцна почина во болница.

Во меѓувреме, украински беспилотни летала ја нападнаа енергетската инфраструктура во руската област Смоленск рано на 2 мај, изјави гувернерот Василиј Анохин на Телеграм.

„Денеска, регионот Смоленск повторно беше нападнат од украински беспилотни летала. Во областа Рослав, непријателот се обиде да оштети објект на цивилна енергетска инфраструктура. Немаше жртви“, рече Анохин, без да даде детали.

Одделно, руското Министерство за одбрана објави дека неговите системи за противвоздушна одбрана собориле 12 украински беспилотни летала во пет региони.

Видете и ова: Најмалку три лица загинаа во руски напад во Одеса

Украина не ги коментираше руските тврдења, кои не може веднаш да бидат независно проверени. Претходниот ден, на 1 мај, пет лица беа убиени во одделни руски напади во источна Украина.

Локалните власти соопштија дека руските сили истрелале ракети и бомби кои ги погодиле малите градови во Харковската и во Доњецката област.

Русија во последните неколку дена ја напаѓа Одеса. Во нападот на 29 април загинаа пет цивили, а 23 беа ранети, соопштија официјални лица.

Нафтена рафинерија во руската област Рјазан беше оштетена во напад со дрон на 1 мај, изјави гувернерот на регионот на Телеграм. Гувернерот Павел Малков изјави дека нема жртви.

Претходно, на 1 мај руското Министерство за одбрана соопшти дека е пресретнат дрон над регионот Рјазан, односно три беспилотни летала над регионот Воронеж и едно над регионот Курск. Од почетокот на годината 18 руски нафтени рафинерии се оштетени во напади со беспилотни летала. Украина не ги коментираше повеќето инциденти.