Нови американски санкции против компании во Русија и Кина

Рускиот претседател Владимир Путин и Андреј Терликов, директор на Уралското проектно биро за транспортно инженерство во фабриката Уралвагонзавод во Нижни Тагил, Русија (архивска фотографија)

Поради поддршката за Русија, Соединетите Држави воведоа нови санкции за неколку стотици субјекти, вклучително и компании со седиште во Кина, објави американското Министерство за финансии.

Министерството воведе санкции за речиси 200 субјекти, а Стејт Департментот таргетираше повеќе од 80 во една од најобемните акции против кинеските компании досега во санкциите на Вашингтон насочени кон Русија, пишува Ројтерс.

Канцеларијата за контрола на странски средства соопшти дека санкционирала компании со седиште во Хонг Конг, по повеќекратните предупредувања од Вашингтон за поддршка на руската војска.

Поддршката на Кина за Русија е едно од многуте прашања што се закануваат да го комплицираат неодамнешното подобрување на односите меѓу најголемите светски економии.

Видете и ова: Кина ги предупреди САД да не газат по нивните „црвени линии“

Министерството за финансии санкционираше речиси 60 субјекти лоцирани во Азербејџан, Белгија, Кина, Русија, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Словачка, бидејќи и овозможиле на Русија да ја набави потребната технологија и опрема од странство, заобиколувајќи ги санкциите.

„Министерството постојано предупредуваше дека компаниите ќе се соочат со значителни последици за обезбедување материјална поддршка за Русија во војната во Украина, а САД ги воведуваат денес за речиси 300 субјекти“, рече министерката за финансии Џенет Јелен.

Вашингтон воведе мерки и против кинеска компанија која извезувала стоки за производство на беспилотни летала во Русија, како што се пропелери, мотори и сензори.

Санкции беа воведени и на руската авиокомпанија Победа, како и на руските трупи за радиолошка, хемиска и биолошка одбрана (RCBD).

Видете и ова: САД воведоа санкции за руски компании поради „лажни веб-страници“

Министерството за трговија на САД претходно додаде повеќе од 200 авиони Боинг и Ербас управувани од руски авиокомпании се додадени на списокот за контрола на извозот како дел од санкциите на администрацијата на Џо Бајден поради руската инвазија на Украина.