Добри односи со Кина, Русија, САД и членство во ЕУ се приоритети за Србија, рече мандатарот Вучевиќ

Мандатарот за состав на новата Влада на Србија Милош Вучевиќ при претставување на експозето во парламентот, 1 мај 2024 година.

Мандатарот за состав на новата влада на Србија и лидер на владејачката Српска напредна партија (СНС), Милош Вучевиќ, при своето излагање во српскиот парламент истакна дека членството во Европската унија (ЕУ) останува стратешка цел за Србија.

„Полноправното членство во ЕУ останува стратешка цел на Србија“, рече Вучевиќ, но додаде дека „не може да се игнорира фактот дека процесот е оптоварен со новововедени политички критериуми“.

Тој рече дека очекувањата на ЕУ се поврзани со Србија да се „понижи“ преку признавањето на независноста на Косово и да се приклучи на санкциите против Русија поради нејзината инвазија на Украина.

Мандатарот најави дека Србија ќе направи се за да го спречи приемот на Косово во Советот на Европа, иако, како што рече, нејзините шанси се мали.

Видете и ова: САД разочарани бидејќи две лица кои се на црната листа се предложени да бидат дел од новата српска влада

Пратеникот Милош Вучевиќ го презентира своето експозе пред пратениците во српското Собрание на седницата за избор на новата Влада. Изборот на Владата на Србија и давање заклетва на претседателот и членовите на Владата е единствената точка на дневен ред на седницата што се одржува на 1 мај, Меѓународниот ден на трудот.

На седниците на Собранието на Србија присуствуваат претставници на дипломатскиот кор, меѓу кои и амбасадорот на САД, Кристофер Хил.

Вучевиќ рече дека неговиот кабинет ќе биде Влада на континуитет во најголема можна мера.

Во однос на надворешната политика, како што посочи, Владата ќе се води од досегашните принципи - политичка и воена неутралност.

„Придонесот на Србија за регионалниот мир и стабилност во регионот ќе биде активен и континуиран“, рече тој.

Без санкции за Русија

Вучевиќ нагласи и дека Србија нема да се приклучи кон санкциите против Русија.

„Нема сомнеж дека притисоците ќе продолжат, веројатно ќе се интензивираат, но нашата одлука е да останеме на истите позиции“, рече Вучевиќ.

„Србија не може и нема да се откаже од пријателството со Русија, чиј народ го сметаме за братски, исто како што тоа е случајот со Украинците. Јасно го осудивме рускиот напад врз Украина, но изјавивме дека нема да се приклучиме на политиката на санкции“, додаде тој.

Тој истакна и дека за Србија „територијалниот интегритет на Украина е неприкосновен“.

Пријателство со Кина, но и со САД

Вучевиќ во своето излагање посебно ја истакна важноста на партнерството со Кина, оценувајќи дека трговскиот договор ќе ги отвори вратите на кинескиот пазар за бизнисмените.

Видете и ова: Штајнмаер: Западен Балкан не смее да остане „сива зона за руско деструктивно влијание“

„И покрај спротивставените ставови на многумина на Запад, за нас Кина претставува пријателска земја, партнер и сигурен сојузник во одбраната на нашиот територијален интегритет“, додаде тој.

Вучевиќ рече и дека позицијата на Србија кон политиката на една Кина нема да се промени и додаде дека со нетрпение ја очекува посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг, кој доаѓа во Србија на 7 и 8 мај.

Но, Вучевиќ нагласи и дека Србија ќе гради најдобри односи со САД.

„Онаму каде што има несогласувања, како на пример за Косово и Метохија, ќе го повториме нашиот став, ќе работиме на тоа нашите американски партнери да не слушнат и разберат“, додаде Вучевиќ.

Покрај ова, тој рече и дека новата Влада ќе се стреми да гради добри односи и со соседите, односно со земјите од Западен Балкан.

Новата српска Влада пак се очекува да има 25 министерства и пет министри без ресор. Идниот премиер на Србија ќе биде мандатарот Милош Вучевиќ, кој вчера, на 30 април ги предложи имињата на новите министри во Владата, а меѓу нив се и две лица кои веќе се наоѓаат на црната листа на САД – Александар Вулин, предложен за вицепремиер и Ненад Поповиќ, предложен за министер без ресор.