Најмалку три лица загинаа во руски напад во Одеса

Штетата од рускиот ракетен напад врз Одеса на 23 април

Три лица загинаа, а три се повредени во руски ракетен напад врз украинското пристаниште Одеса рано утрово на 1 мај, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.

„Непријателот ја нападна Одеса со балистички проектили. Во нападот загинаа три лица, а тројца се повредени“, изјави градоначалникот на Одеса Генадиј Труханов на социјалната мрежа Телеграм.

Кипер додаде дека нападот ја оштетил цивилната инфраструктура во градот.

Русија во последниве денови постојано ја напаѓа Одеса, вклучувајќи го и нападот на 29 април со проектил „Искандр“.

Во тој напад загинаа пет цивили, соопштија официјални лица, а 23 се повредени.

Видете и ова: Москва тврди дека презела контрола врз село во источна Украина

Главниот воен командант на Украина, генерал-полковник Олександр Сирски, во неделата предупреди дека состојбата на истокот на земјата се влошила и дека Русија напаѓа „по целата линија на фронтот“.

Руската армија редовно ги напаѓа украинските региони со различни видови оружје - беспилотни летала, ракети и противвоздушни ракети.

И покрај доказите и сведочењата, Москва негира дека цел на нападите се цивили уште од почетокот на сеопфатната инвазија.