Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) предупредува дека нацрт-законот што владата на Грузија го турка во Парламентот, таканаречениот предлог-закон за „странски агенти“, ќе ги етикетира граѓанските организации и активистите за заштита на човековите права создавајќи атмосфера на „недоверба, страв и непријателство“.
Директорот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) при ОБСЕ, на 30 април за грузиската служба на РСЕ изјави дека нацрт-законот, кој предизвика огромни протести во главниот град Тбилиси, ќе има „негативни последици за граѓанското општество.
„Доколку се одобри суштината и содржината на предлог-законот, влијанието врз граѓанското општество сепак ќе биде негативно“, додаде тој.
Грузискиот парламент требаше да гласа на 30 април за второто читање на контроверзниот нацрт-закон, за кој критичарите дома и во странство, велат дека го отсликува законодавството на Кремљ што се користи во Русија за да се замолчат критичарите и несогласувањата.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Десетици илјади луѓе веќе две недели излегуваат а улиците на Тбилиси во знак на протест против законот предложен од владејачката грузиска партија.
Соединетите Американски Држави, Велика Британија и Европската унија, кои на Грузија и доделија кандидатски статус во декември, сите го критикуваа законот. Официјални претставници на ЕУ рекоа дека тоа би можело да го запре напредокот на Грузија кон интеграција во блокот.
„Разбирам дека поголемиот дел од граѓанските организации во Грузија добиваат финансиска поддршка од меѓународни донаторски институции, (и навистина речиси сите поголеми организации доброволно ја откриваат листата на нивните донатори)“, рече Мекачи во писмената забелешка на прашањата на РСЕ.
Доколку биде усвоен, законот ќе бара од организациите и групите да се регистрираат како „странски агенти“ доколку добиваат повеќе од 20 проценти од финансирањето од странство.
„Овој предлог-закон, доколку биде усвоен, ќе го претвори огромното мнозинство од институциите на граѓанското општество преку ноќ во „странски агенти“ или „претставници на странски сили“, што е спротивно на духот на меѓународната соработка“, вели Мекачи.
Иако грузиската претседателка Саломе Зурабичвили вели дека ќе стави вето на законот доколку парламентот го усвои во трето читање, владејачката партија може да го отфрли ова со собирање 76 гласа. Потоа претседателот на парламентот може да го потпише во закон. За финалното читање на законот е предвидено да се расправа на 17 мај.