Чешка ќе ја зголеми старосната граница за пензионирање

Илустрација, Прага, Чешка

Зголемување на старосната граница за пензионирање и намалување на висината на пензиите за идните пензионери се дел од реформите кои ги донесе чешката влада. Целта на владините реформи е заштеда од милијарди долари буџетски средства.

Со овие реформи старосната граница се поместува за седум месеци, односно од 65 години на 65 години и седум месеци, а пензиите за идните пензионери се намалени за околу осум отсто во однос на сегашниот износ на пензиите, јавуваат новинските агенции.

Чешка се соочува со притисок врз нејзиниот фискален систем поради стареењето на населението, зголемувањето на животниот век и ниската стапка на наталитет.

Видете и ова: Работниците протестираат за плати, политичарите во кампања за гласови


„Промените ќе го спречат колапсот на пензискиот систем и ќе обезбедат достоинствени пензии за денешната млада генерација“, изјави чешкиот премиер Петр Фијала.

Реформата што ја воведе десноцентристичката чешка Влада има за цел да го одржи просечното време што граѓаните го поминуваат во пензија на околу 21 година, што значи дека во иднина, заедно со промената на животниот век, ќе се промени и возраста за пензионирање.