Србија најави унапредување на соработката со Кина

Архивска фотографија, Претседателот на Кина Си Џинпинг и претседателот на Србија Александар Вучиќ, 17 октомври 2023 година.

Српската Влада соопшти дека на седницата на 30 април ги усвоила актите потребни за унапредување на соработката со Кина.

„Донесени се документи од областа на образованието, науката, иновациите, технолошкиот развој, како и економско-техничката соработка во областа на инфраструктурата“, се наведува во владиното соопштение.

Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе ја посети Србија на 7 и 8 мај.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за време на посетата на Си, Белград ќе „иницира проекти за забрзан технолошки развој во оние сфери во кои нема доволно знаење, од роботика, сателитска технологија, летечки автомобили до многу други работи“.

Видете и ова: Разузнавачите „ловат“ сигнали на кинеска пропаганда во изборите

Последен пат Си Џинпинг беше во официјална посета на Србија во 2016 година. Сега доаѓа во Белград на годишнината од бомбардирањето на кинеската амбасада при интервенцијата на НАТО во СР Југославија.

Претседателот на Кина во Белград пристигнува на покана на Вучиќ. Шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Пекинг со нетрпение ја очекува оваа посета, како уште една можност за зацврстување на „железното пријателство“ со Србија.