Мерки за претпазливост за 12 луѓе за злоупотреба на службена положба, бара Обвинителство

Обвинителство

Мерки за претпазливост за 12 луѓе поради злоупотреба на службена должност побара денеска ( 30 април ) Јавното обвинителство. Во нивното кусо соопштение е наведено дека обвиненителниот предлог е базиран на истрага која била спроведена по иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција, без да се наведе информација од која инститиција се осомничените за злоупотреба на службената должност.

„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела - Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Видете и ова: ДКСК со иницијатива за кривично гонење на директорот на АМС за злоупотреби на ваучер системот


Дел од медиумите во земјава објавија дека овој обвинителен предлог се однесува на аферата со распределба на спортските ваучери преки Агенцијата за млади и спорт.

(ДКСК) во февруари достави иницијатива до Јавното обвинителство за кривично гонење на актуелниот директор на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсовски и членовите на централната комисија поради основани сомнежи за злоупотреба и непочитување на ваучер системот на финансирање фондации и спортски клубови во периодот од 2020 до 2022 година.

Според анализите на ДКСК годишно на овој начин се трошат околу една милијарда денари, што се вложуваат во спортот по разни основи, но АМС нема никаква отчетност како ги доделува и како се трошат овие средства.

ДКСК тогаш соопшти дека е неопходно да се интервенира и во самиот Закон за спорт, со носење на некое ново решение за распределба на средства со почитување на утврдени критериуми, за што веќе се дадени одредени предлози до кабинетот на вицепремиерката за добро владеење и до АМС.

Освен од АМС, податоци биле побарани и од фудбалската, кошаркарската, ракометната и одбојкарската федерација, како и до спортските клубови кои користеле средства од ваучери во висина од над еден милион денари. Тогашната претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, изјави ДКСК не е против доделување средства на клубовите, туку да се направи праведен систем без фаворизирање.