Естонија:Русија ги прекрши меѓународните правила со пречки во ГПС сигналите

Илустрација

Естонија ја обвини Русија за кршење на меѓународните прописи за воздушен простор со мешање на ГПС (GPS) сигналите. Министерот за надворешни работи на балтичката земја, Маргус Цахна најави дека ќе го разгледа ова прашање со своите партнери во НАТО и Европската унија.

Финската најголема авиокоманија Финаир (Finnair) по овој настан на 29 април објави привремена суспензија на своите летови до Тарту во источна Естонија на еден месец поради тековните нарушувања на ГПС сигналите кои спречија нивни два авиона да слетаат.

Летовите ќе бидат суспендирани за да му се овозможи на аеродромот да инсталира алтернативен метод на пристап кој не се потпира на ГПС сигналите, соопштија од авиокомпанијата. Повеќето аеродроми имаат инсталирано таква опрема.

Финската авиокомпанија соопшти дека не знае од каде потекнува мешањето, но дека има зголемување на инцидентите од 2022 година.

Видете и ова: Најмалку две лица загинале во руски напади врз Харкив

Превозникот пријави слични проблеми во близина на руската ексклава Калининград и источната граница на Финска со Русија.

„Мешањето на ГПС сигналите во естонскиот воздушен простор од страна на Руската Федерација го погоди цивилното воздухопловство во нашиот регион. Со тоа Русија ги прекршува меѓународните регулативи“, напиша министерот за надворешни работи на Естонија, Маргус Цахна на социјалните мрежи Х доцна во понеделникот.

Тој не објави повеќе детали и докази за да го поткрепи тврдењето.

Ниту Кремљ, ниту Министерството за одбрана на Русија не одговорија веднаш на барањата за коментар, јавува новинската агенција Ројтерс.

Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (ЕАСА) не ги следи пречките во реално време, но информациите со отворен код покажаа големо мешање во областа на денот кога двата авиони беа пренасочени, рече портпаролот на Агенцијата.