Државната изборна комисија донесе упатство со кое на граѓаните со право на глас им се укажува дека ако гласаат само на едните избори, потоа во текот на денот доколку се предомислат нема да можат да се вратат на гласачкото место и да гласаат на другите избори.
Претседателот на Државната изборна комисија (ДИК), Александар Даштевски во интервју за МИА вели дека на граѓаните треба да им се објасни дека имаат право да гласаат за двата вида избори, но и право да одлучат дали ќе гласаат само за парламентарните или само за претседателските избори.
Ова, вели Дашевски, мора добро да се објасни бидејќи за претседателските избори има ценсуз, односно за да биде изберен претседател во вториот круг, излезеноста треба да биде 40 отсто од вкупниот број на запишани гласачи во единствениот избирачки список.
„Граѓанинот ќе може да дојде само еднаш и да гласа и за двата избори и кога ќе дојде постапката е следна: прво ја дава личната карта да се види дека е тој, потоа оди на биометриска идентификација, потоа го бараат во списокот да го заокружат и му даваат ливчиња. И после оди да гласа. Претпоставувам дека најмногу ќе гласаат за двата избори, а може да се случи и само за парламентарните, бидејќи знаеме дека излезноста и интересот таму е многу поголем. Но не смее да се доведе човекот во заблуда, бидејќи ако ве прашаат прво дали сте за едните, па за другите вие може да кажете, па јас сум за парламентарни. Значи, треба добро да се објасни дали сте за претседателски, дали сте за парламентарните и дали сте за двата, за човекот да не помисли дека поважни му се едните од другите, туку да знае дека има право да гласа и за двата избори и така да направиме и цензус“, вели претседателот на ДИК во интервјуто.
Видете и ова: ОБСЕ/ОДИХР: Изборниот ден позитивно оценет, забелешки за кампањатаДаштевски очекува дека и на 8 мај вечерта, резултатите од изборите би можеле да се знаат до полноќ, имајќи ги предвид промените што ДИК ги направила во изминатиот период, но и искуството од изминатите избори. Тој потенцира дека за да се забрза изборниот процес во избирачките места во секое време ќе има по седум наместо пет лица, како претходно, а за броењето на резултатите ќе бидат присутни сите.
Претседателот на ДИК апелира до гласачите да придонесат за слободни, фер и демократски избори и се надева на мирни и демократски избори.
На 8 мај во земјава се одржуваат двојни избори, вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори. На првиот круг од претседателските избори најмногу гласови освои кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска-Давкова, пред кандидатот на СДСМ и актуелен претседател, Стево Пендаровски кој се најде на второ место по освоени гласови.