Претседателот на Германија Франк-Валтер Штајнмаер, претседателот на Чешката Република Петр Павел и чешкиот премиер Петр Фијала на денешната конференција во Прага по повод 20-годишнината од проширувањето на Европска Унија, повикаа Западен Балкан да не се остава долго да чека пред вратите на Унијата, бидејќи не смее „да остане сива зона за руското деструктивно влијание“.
„После 20 години, 10 земји повторно се во процес на влез во ЕУ. Путин ќе го примени своето деструктивно влијание каде што може. Балканот не смее да остане сива зона за тоа. Земјите од Западен Балкан, Украина припаѓаат на нашиот простор“, рече Штајнмаер.
Германскиот претседател рече дека нападот на Русија не е само врз Украина, туку и врз сите историски лекции што Германија, Чешка и цела Европа ги научиле од двете светски војни.
Во текот на својот говор тој неколку пати потенцираше дека ЕУ е историски најголемиот мировен проект кој треба да се брани, бидејќи не се подразбира сам по себе и не е неуништлив.
Претседателот на Чешка, Петр Павел, на конференцијата по повод одбележувањето на две децении Чешка во ЕУ посочи дека безбедноста на ЕУ не почнува од нејзините граници, туку многу подалеку и оти е неприфатлива индиферентноста кон соседите на Унијата.
„Имам разбирање за земјите кои стојат пред вратата на ЕУ, нивните амбиции ја докажуваат привлечноста на тој проект. Проширувањето е исто така геополитичка неопходност. Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија да стојат пред вратата на ЕУ, ќе ги оставиме на милост и немилост на Русија и на актерите кои не и посакуваат добро на Европа“, порача чешкиот претседател.
Видете и ова: Неформален состанок на Советот за општи работи на ЕУЧешкиот премиер Петр Фијала, исто така, истакна дека проширувањето со Црна Гора, Србија, Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово е неопходно за безбедноста на континентот и самата ЕУ.
„Да им ја дадеме таа шанса и да ги искористиме можностите што ќе ни ги донесе тоа. Тоа проширување е неопходност за безбедноста на ЕУ. Секоја друга опција е полоша и за нив како и за нас“, рече Фијала.
Зборувајќи за клучните достигнувања и придобивки од проширувањето пред две децении за сите членки на ЕУ, не само економски, туку пред се мировни и решавање на проблемите и несогласувањата со постигнување компромис, и претседателот и премиерот на Чешка истакнаа дека Европа сега мора активно да се брани бидејќи не е неуништлива и од надворешни закани, како што е агресивната политика на Русија, но и од внатре.
Штајнмаер, меѓудругото, ги повика Европејците да излезат на европските парламентарни избори и да не дозволат популистите да ја нарушат нивната доверба во институциите и да ги убедат дека најгласните гласови се најважни.