Вработените во Фондот за здравство излегоа на предупредувачки протест поради незадоволството за неусогласувањето на платите со растот на минималната плата.
Вработените бараат и разрешување на управниот одбор на Фондот, откако тој во петокот не донел одлука за зголемување на платите за 2600 денари, како и досегашниот бод за пресметка на плата да важи и од 1-ви јуни. Вработените бараат нов управен одбор кој ќе дозволи да се усогласат платите на вработените, односно примањата да не им се намалуваат од 1-ви јуни.
„Со оглед дека самите најавиле дека до формирање на нова Влада немаат во план да донесат никаква одлука по овие прашања, останува прашањето зошто постои Управниот одбор, би било поетички да си отидат и да се изберат нов. Ако ова до 15 мај не се реши, ние ќе имаме предупредувачки протести во сите градови. Ако на 1 јуни не се реши прашањето, тогаш, стапуваме во генерален штрајк“, изјави претседателот на синдикалната организација, Бранко Аџигогов.
Видете и ова: Штрајк во Фондот за здравство: Вработените незадоволни, граѓаните затечениДоколку вработените на ФЗО стапат во генерален штрајк, услугите за граѓаните кои се здравствени осигуреници на Фондот, како и платите на вработените во јавното здравство, повторно ќе бидат доведени во неизвесност.
„Немаме образложение и не знаеме зошто ова се случи. По толкав штрајк на вработените во ФЗО, а ние сме втора најголема синдикална организација во државната управа, едноставно ова го сфаќаме дека не им е грижа“, додаде Аџигогов.
Пред три месеци, Фондот за здравство влезе во штрајк поради опасноста дека платите ќе им се намалат за 21 процент, меѓутоа владата донесе одлука тие да останат непроменети по што штрајкот беше прекинат. Додека траеше последниот штрајк во јануари, шалтерите на Фондот за здравство не работеа и не се процесираа барањата на пациентите за рехабилитација, за исплата на породилно боледување, за заверка на ортопедски помагала, а не се пресметуваше ни платата за цело здравство, поради што платите во државното здравство доцнеа.