Хамас подготвува одговор на понудата за прекин на огнот во Газа

Луѓето се собираат во близина на телата наредени за идентификација откако беа ексхумирани од масовна гробница пронајдена во јужниот дел на Појасот Газа, 25 април 2024

Хамас, означен како терористичка организација од Соединетите Држави (САД) и Европската унија (ЕУ), ја разгледува понудата на Израел за 40-дневно примирје во војната во Појасот Газа во замена за ослободување на број на заложници кои ги држеше групата од нападoт на 7-ми октомври.

Враќајќи се во Катар по последните разговори во Каиро, анонимен извор од делегацијата на Хамас соопшти дека „ќе разговара за идеите и предлогот... и дека сакаат да одговорат што е можно поскоро“.

Египетски извори за Ал Кахера њуз, веб-страница поврзана со египетските разузнавачки служби, изјави дека делегацијата на Хамас „ќе се врати со писмен одговор“.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ги опиша условите на примирјето како „исклучително дарежливи“, додека Белата куќа побара од колегите посредници Египет и Катар да го засилат притисокот врз Хамас да го прифати последниот обид за ставање крај на речиси седуммесечната војна.

Американскиот претседател Џо Бајден ги повика египетските и катарските лидери „да вложат максимални напори за да обезбедат ослободување на заложниците кои ги држи Хамас“, нарекувајќи го тоа „единствената пречка“ за обезбедување помош за цивилите во опколениот Појас Газа.

Со месеци Египет, Катар и САД се обидуваат да обезбедат нов договор. За време на еднонеделното примирје во ноември, 80 израелски заложници беа разменети за 240 Палестинци кои беа затворени во израелските затвори.

Во меѓувреме, немилосрдното израелско бомбардирање ја опустоши Газа со која владее Хамас, израмнувајќи голем дел од територијата и доведувајќи го нејзиниот народ на работ на глад, истовремено заканувајќи се да ескалира во поширок регионален конфликт.

Во јужниот град Рафа, Палестинците очајуваат од војната додека трагаат по жртвите од последниот напад. Израел вети дека ќе изврши напад врз баталјоните на Хамас во Рафа, каде што повеќето од 2,4 милиони жители на Газа побараа засолниште.

Видете и ова: Најмалку 13 лица загинале во израелски воздушни напади во јужниот дел на Газа

Но, министерот за надворешни работи Израел, Кац изјави дека владата би можела да ја „прекине“ таа операција доколку се постигне прекин на огнот.

Зборувајќи во Ријад за време на неговата седма посета на регионот од почетокот на војната во Газа, високиот американски дипломат Блинкен ја истакна потребата Хамас „брзо да одлучи“ за прекин на огнот.

Тој на специјалниот состанок на Светскиот економски форум изјави дека „се надева дека ќе донесе правилна одлука“, додека египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека „предлогот ги земал предвид ставовите на двете страни“.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека на Хамас му било понудено „трајно примирје од 40 дена, потенцијално ослободување на илјадници палестински затвореници, во замена за ослободување на овие заложници“.

Видете и ова: Шеснаесет земји побараа итно ослободување на заложниците во Газа

Извор од Хамас за АФП изјави дека групата е заинтересирана за договор кој „гарантира траен прекин на огнот, слободно враќање на раселените, прифатлив договор за (размена на затвореници и заложници) и крај на опсадата“ во Газа.

Израел проценува дека 129 заложници остануваат во Газа, вклучувајќи 34 за кои се верува дека се мртви. Нападот на Хамас резултираше со смрт на приближно 1200 луѓе во Израел, од кои повеќето цивили. Според Министерството за здравство на територијата што ја контролира Хамас, во израелската одмаздничка офанзива загинаа најмалку 34 488 луѓе во Газа.