Претставниците на Европската унија (ЕУ) се на мислење дека недостатокот на политичка волја на политичарите во Косово и Србија е причината поради која нема напредок во спроведувањето на договорот постигнат од лидерите минатата година, изјави на 29 април портпаролот на ЕУ, Петер Стано.
„Можете некому да му помогнете само онолку колку што е подготвен да прифати помош. ЕУ не ги тера партнерите. Партнерите доброволно изјавија дека сакаат да влезат во Европската унија еден ден“, рече Стано на прес-конференцијата, одговарајќи на прашањето дали Брисел смета дека тоа не успеа да ги убеди двете страни да го спроведат она што го договорија.
Тој ја потврди подготвеноста на европските институции да продолжат да работат во процесот на нормализирање на односите меѓу Србија и Косово.
Мандатот на специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак истекува во август. Веќе е потврдено дека потоа нема да му биде продолжен мандатот, откако е избран за амбасадор на ЕУ во Швајцарија.
Исто така, на крајот на својот мандат е и европскиот шеф на дипломатијата, Жозеп Борел, бидејќи по европските избори кои ќе се одржат во јуни, ќе бидат избрани нови шефови на европските институции, вклучително и функцијата висок претставник на ЕУ за заеднички надворешни работи, политика и безбедност.
Видете и ова: Вучиќ и Османи со меѓусебни обвинувања во ОН за „притисоци“ врз Србите од КосовоСтано на прес-конференцијата посочи дека успехот на посредувањето на ЕУ во дијалогот е ограничен во однос на волјата на преговарачките страни.
„Ако се обидувате да им помогнете на партнерите, а тие не сакаат да им се помогне и тие постојано покажуваат со прст кон другиот, поставуваат нови пречки, дејствуваат еднострано, без координација, без консултации, тогаш можете да направите само онолку колку што тие дозволи“, рече тој.
Во февруари минатата година, лидерите на Србија и на Косово постигнаа договор за патот кон нормализација на односите. Во март истата година во Охрид беше договорен анекс за имплементација. Сепак, документите не беа потпишани, бидејќи српскиот претседател Александар Вучиќ одби да го стори тоа.
Без разлика што договорот и Анексот за негова имплементација не се потпишани, ЕУ смета дека договорот е правно обврзувачки за двете страни.
Ниту Приштина ниту Белград не направија ниту еден чекор кон имплементација на договорените одредби од договорот и анексот. Косовската страна одбива да работи на имплементација на клучната точка, која се однесува на формирање на Заедница на општини со српско мнозинство.
Српската страна, пак, во неколку наврати потврди дека нема да ги спроведе сите одредби од договорот, особено оние поврзани со, како што се наведува, „црвените линии“, како што е непреченото членство на Косово во која било меѓународна организација.
Видете и ова: Брисел формално предложи вклучување на обврските од Охрид во преговорите со Србија и КосовоОва писмено го потврди и поранешната премиерка на Србија, Ана Брнабиќ, која во декември минатата година испрати писмо до Брисел во кое потврди дека Белград нема да ги спроведе сите одредби од договорот со Косово.
Косово е во процес на прием во полноправно членство во Советот на Европа. Српските власти активно работат на спречување на членството на Косово во таа меѓународна организација.