Столтенберг во посета на Киев, Зеленски повика на побрза испорака на оружје

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг со украинскиот претседател Володимир Зеленски на заедничка прес-конференција во Киев, 29 април 2024 година.

На 29 април, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Киев.

Столтенберг на заедничка конференција со медиумите оцени дека неколкумесечното доцнење на воената помош од Соединетите Американски Држави (САД) за Украина „има сериозни последици на бојното поле“, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Столтенберг изјави дека „на пат е повеќе воена помош“ и дека „не е доцна“ Украина да победи во војната.

„Украина со месеци е отфрлена од оружје, принудена да ја рационализира својата муниција... Но, не е доцна Украина да победи“, рече Столтенберг на заедничката конференција со украинскиот претседател.

Зеленски, од друга страна, повика на побрза испорака на оружје со цел Украина да се спротивстави на руската офанзива. Тој изјави дека во Украина почнало да пристигнува „витално оружје“ од САД, но во мали количини.

Видете и ова: Русија продолжува со интензивните напади врз украинската енергетска инфраструктура

„Заедно мора да ја прекинеме руската офанзива. Брзината на снабдување со оружје буквално значи стабилизација на линијата на фронтот“, рече Зеленски на прес-конференцијата.

САД минатата недела одобрија пакет помош од 61 милијарда долари за Украина, ставајќи крај на повеќемесечниот ќорсокак во Конгресот за поддршка на Киев, кој се соочува со ниски залихи артилериски гранати.

Видете и ова: Што има во новиот американски пакет оружје за Украина?

Врховниот командант на Украина на 28 април изјави дека неговите војници се повлекле од три села на истокот каде руските сили се во офанзива и постепено зајакнуваат.

„Руската војска сега се обидува да ја искористи ситуацијата додека чекаме испораки од нашите партнери“, рече Зеленски на 29 април.

Украинскиот лидер, исто така, ја истакна потребата од испорака на софистицирани американски системи за противвоздушна одбрана Патриот, кои Киев ги смета за клучни за одбрана на воздушниот простор на Украина од руски ракетни напади.