Блинкен се надева дека Хамас ќе го прифати „дарежливиот“ договор за Газа

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска (29 април) изјави дека се надева оти Хамас ќе ја прифати „исклучително дарежливата“ понуда за запирање на израелската офанзива во Газа во замена за ослободување на заложниците. Европската Унија и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.

„Хамас има пред себе предлог кој е „извонредно дарежлив“ од страна на Израел. Во овој момент, единственото нешто што стои меѓу луѓето во Газа и прекинот на огнот е -Хамас“, рече Блинкен во Ријад на Светскиот економски форум и додаде:

„Можеме да имаме фундаментална промена во динамиката“ за повеќе од половина година крвопролевање“.

Говорејќи во Саудиска Арабија, американскиот државен секретар рече дека има „мерлив напредок“ во доставувањето помош за Газа, но дека е потребно повеќе.

Блинкен рече и дека Иран е најголемиот извор на нестабилност во регионот.

Тој посочи дека настаните од последните неколку месеци покажаа дека има два можни патишта. Едниот, рече тој, бил обележан со „поделби, уништување, насилство и постојана несигурност“.

Видете и ова: Блинкен во посета на Саудиска Арабија, Јордан и Израел

Сепак, Блинкен посочи дека состаноците како денешниот покажале дека има многу повеќе нации во регионот на Ријад заинтересирани за вториот пат, „поголема интеграција, поголема безбедност, поголем мир“.

„Многу повеќе од нас сакаат да одат по тој пат“, рече Блинкен.

Тој се сретна и со саудискиот министер за надворешни работи, принцот Фајсал бин Фархан ал Сауд.

Блинкен, исто така, ќе се состане со турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан и други регионални претставници пред очекуваната посета на Израел подоцна во текот на неделата.