Израелските власти се загрижени дека Меѓународниот кривичен суд (МКС) со седиште во Хаг може да издаде налози за апсење на водачите на земјата по меѓународниот притисок поради војната на Израел против Хамас во Појасот Газа, објави Асошиејтед прес (АП) на 29 април. Соединетите Држави (САД) и Европската Унија го прогласија Хамас за терористичка организација.
Пред три години Меѓународниот кривичен суд започна истрага за можни воени злосторства извршени од Израел и палестинските милитанти кои датираат од војната меѓу Израел и Хамас во 2014 година, но не даде никакви индикации за можни налози за апсење.
АП пренесува дека судот веднаш не ги коментирал наводите за можни налози за апсење на израелски официјални лица.
Израелското Министерство за надворешни работи соопшти дека ги информирало израелските мисии за „гласините“ дека може да бидат издадени налози против високи политички и воени функционери. Не е јасно што ја предизвикало загриженоста на Израел, пренесува АП.
„Очекуваме судот да спречи издавање налози за апсење на високи израелски функционери“, рече министерот за надворешни работи Израел Кац, додавајќи дека таквите налози ќе го „зајакнат моралот“ на Хамас и другите милитантни групи.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 26 април рече дека Израел „никогаш нема да прифати каков било обид на Меѓународниот кривичен суд да го поткопа неговото вродено право на самоодбрана“.
„Заканата да се заробат војниците и функционерите на единствената блискоисточна демократија и единствената еврејска држава во светот е срамота. Ние нема да и се поклониме“, рече Нетанјаху во објава на мрежата X.
Видете и ова: Палестинците пред највисокиот суд на ОН бараат итен прекин на израелската окупацијаИстрагата на Меѓународниот кривичен суд опфаќа наводи кои датираат од војната во Газа во 2014 година, како и израелската изградба на еврејски населби на окупираната територија што Палестинците ја сакаат за нивната идна држава.
Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, за време на посетата на регионот во декември рече дека истрагата напредува и дека тој инсистира да се дејствува „не врз основа на емоции, туку врз основа на цврсти докази“.
Ниту Израел, ниту неговиот близок сојузник Соединетите Држави ја прифаќаат јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд, но потенцијалните налози за апсење би можеле да ги стават израелските функционери во ризик од апсење во други земји признати од Меѓународниот кривичен суд.
Специјалното тело на Меѓународниот кривичен суд истражува дали Израел извршил геноцид во актуелната војна во Газа. Се очекува секоја пресуда да трае со години.
Израел ги отфрли обвиненијата и го обвини судот за пристрасност.
Видете и ова: Меѓународниот суд на правдата му нареди на Израел да преземе мерки за да спречи геноцидИстовремено, Израел го обвини Хамас за геноцид за нападот врз Израел на 7 октомври 2023 година со кој започна војната. Хамас упадна во воените бази и кибуци низ јужен Израел, убивајќи околу 1 200 луѓе, главно цивили, а земајќи околу 250 заложници.
Како одговор, Израел започна сеопфатна воздушна, морска и копнена офанзива во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа, под контрола на Хамас.
Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.
Израел најави дека ќе ја прошири својата копнена офанзива кон градот Рафа во јужниот дел на Газа, каде што повеќе од милион Палестинци побараа засолниште од војната. Израел тврди дека Рафа е последното упориште на Хамас.