Кастрати: Србите од северот „се двоумат“ да се попишат

Општина Грачаница, Косово (илустрација)

Директорот на Агенцијата за статистика на Косово, Авни Кастрати, рече дека припадниците на српската заедница во општините со српско мнозинство на север сè уште „се двоумат“ да одговорат на пописот, но дека масовно се попишуваат само оние во општините на југот.

„Српската заедница (на север) сè уште во голема мера се колеба“, рече Кастрати на прес-конференција во понеделник, 29 април.

Пописот на населението во Косово почна на 5 април и ќе трае до 17 мај.

На денот кога започна пописот, Српска листа објави дека припадниците на српската заедница нема да учествуваат во овој процес. Како едно од објаснувањата, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград, ја наведе „репресијата“ на режимот на премиерот на Косово, Албин Курти.

Видете и ова: САД се разочарани од повиците до Србите да го бојкотираат пописот во Косово

Последниот попис на населението во Косово во 2011 година не беше одржан во четири општини на север каде живее мнозинско српско население, додека во општините на југ процесот најмногу беше бојкотиран на повик на Белград.

Според тој попис, вкупниот број на жители на Косово е околу 1,8 милиони, од кои околу 25 000 се Срби. Сепак, според проценките на граѓанскиот сектор, на Косово живеат околу 100 000 припадници на српската заедница.

На 29 април, директорот на Агенцијата за статистика на Косово рече дека во врска со бојкотот на пописот на северот, каде живее мнозинската српска заедница, минатата недела разговарал со неколку меѓународни институции.

„Треба да знаат дека (пописот) е добар за нив, да се знае бројот на оние што живеат во тие општини“, рече Кастрати и уште еднаш ги повика Србите да учествуваат во овој процес.

Видете и ова: Во Косово започна пописот на населението

Тој додаде дека во последните денови е регистриран поголем број од населението на Косово, како што било планирано.

„До вчера (28 април) беа регистрирани повеќе од 891 000 жители на Косово“, рече тој.

Кастрати ги повика граѓаните да бидат активни и да се обратат во нивната општина доколку попишувачот не дојде кај нив во наредните пет до шест дена. Тој рече и дека прелиминарните резултати од пописот треба да бидат објавени во втората половина на јуни.

Согласно Законот за попис на населението, домаќинствата и становите, секое лице може да се казни со парична казна од 30 до 2 000 евра доколку одбие да ги даде податоците што ги бара попишувачот. Казните се уште повисоки за бизнисмените и достигнуваат до 20 000 евра.