Илјадници луѓе синоќа повторно излегоа на улиците на грузиската престолнина за да протестираат против плановите на владејачката партија да воведе закон за кој домашните критичари и западните земји рекоа дека ќе се користи за сузбивање на независните гласови во оваа јужнокавкаска држава.
Акцијата на 28 април беше продолжение на двонеделните митинзи предводени од опозициските партии и активистичките групи против таканаречениот закон за „странски агенти“, кој критичарите велат дека го отсликува оној што го користи Кремљ за да ги замолчи критичарите во Русија.
Околу 10 000 луѓе се собраа на Плоштадот на Републиката во центарот на Тбилиси, при што многумина ги пееја химните на Грузија и на Европската Унија и држејќи транспаренти на ЕУ.
Извештаите пренесуваат дека некои демонстранти ги пробиле безбедносните линии во близина на зградата на парламентот, поради што полицијата употребила солзавец за да ја растера толпата.
Очевидци велат дека полицијата се движела со потешка опрема околу местата за протести на Плоштадот на Републиката и во близина на парламентот.
Видете и ова: Грузискиот парламент го одобри првото читање на контроверзниот закон за „странски агенти“Двопартиска група американски сенатори на 26 април преку писмо до грузискиот премиер Иракли Кобахиџе предупреди дека планот на нацијата повторно да воведе „закон за странски агенти во руски стил“ може да доведе до промена на американската политика кон Тбилиси.
Во писмото во кое имаше увид Гласот на Америка (VOA), сенаторите велат дека се „сè повеќе загрижени дека трансатлантските аспирации на Грузија се поткопуваат“.
Официјални претставници на ЕУ рекоа дека ако Грузија го усвои нацрт-законот како закон, тоа ќе ги наруши надежите за членство на нацијата.
Владејачката партија Грузиски сон го воведе законот во 2023 година, но беше принудена да го повлече по масовните протести. Пратеничката група на партијата го врати законот со мали измени во формулацијата и тој помина во првото читање на 17 април.
Видете и ова: ЕУ критикува, Кремљ го брани законот за странски агенти во ГрузијаЗа последното читање на законот треба да се расправа на 17 мај. Грузиската претседателка Саломе Зурабишвили за Би-Би-Си изјави дека ќе стави вето доколку биде одобрен во неговото последно читање.
Зурабишвили рече дека нејзина главна грижа е фактот што предлог-законот е „копија на законот на рускиот претседател Владимир Путин“. Сепак, Зурабишвили потсети дека владејачката партија Грузиски сон има доволно пратеници за да го поништи законотдоколку го искористи своето вето.
Поранешниот грузиски премиер Иракли Гарибашвили, претседател на Грузиски сон и други партиски лидери велат дека законот има за цел да ја зголеми транспарентноста во политичката средина во земјата.