Идната коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“, изјави денеска, 28 април, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во одговор на новинарско прашање на настан при увид на градежни активности во општина Аеродром.
„Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе“, истакна Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави и дека во вториот круг од претседателските избори ВМРО-ДПМНЕ ќе очекува поддршка и од гласачите на ЗНАМ, кои во првиот круг го поддржаа нивниот кандидат за претседател Максим Димитриевски.
Сепак одговарајќи денеска на новинарско прашање на денешната пресконференција во Чаир, еден од лидерите на коалицијата на албанските опозициски партии - „Вреди“, претседателот на Демократско движење, Изет Меџити, истакна дека услов за коалицирање со која било партија се прифаќање на уставните измени и спроведување на нивната предизборна кампања.
Меџити рече и дека според него мандатар на новата влада ќе биде ВМРО-ДПМНЕ, а посочи и дека ДУИ сакале да бидат дел од таа власт, но „сите бегаат од нив“.
„ Од ДУИ бега и ВМРО-ДПМНЕ, од ДУИ бега и Максим Димитриевски, не сака Влада со нив, на ДУИ и екс-премиерот Ковачевски им е налутен оти некоректно играа и со него. Значи и Социјалдемократскиот сојуз не сака со ДУИ. По се изгледа, ДУИ ќе остане во опозиција со Левица“, истакна Меџити на денешната пресконференција.
Видете и ова: Гир: Изборите поминаа во мирна и демократска атмосфера, се надеваме дека ќе биде така и во вториот кругИнаку денеска продолжија и партиските активности во рамките на предизборната кампања за двојните избори на 8 мај, па така претседателот Стево Пендаровски одржува средби со жителите во Велебрдо и општина Аеродром, а професорката Гордана Сиљановска-Давкова ја презентира својата програма пред граѓаните во Могила, Ресен Демир Хисар и Битола.
Претседателот на Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, Максим Димитриевски, ќе оствари средби со граѓаните на Крушево, Кичево, Струга и Охрид, додека, во Штип на народен собир ќе се обрати претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Али Ахмети денеска е во Струга и Дебар, додека Изет Меџити во рамките на кампањата денеска беше во посета на Чаир.
Предизборната кампања веќе влезе во својата втора половина, а граѓаните на 8 мај за првпат ќе имаат прилика да гласаат на двојни избори во ист ден.