Москва тврди дека презела контрола врз село во источна Украина

Еден човек стои покрај куќите уништени од артилериски оган и воздушни напади во селото Очеретине, во близина на градот Авдијивка во регионот Доњецк, на 15 април 2024 година, среде руската инвазија на Украина. Илустративна фотографија

На 28 април руското Министерство за одбрана објави дека нејзините сили презеле контрола врз уште едно село во источна Украина.

„Како резултат на активните операции, единицата „Центар“ го ослободи селото Новобахмутивка во Доњецката Народна Република“, соопшти руското Министерство за одбрана на дневниот брифинг од бојното поле.

Селото е на околу 10 километри северно од Авдиевка, која руските сили ја зазедоа во февруари по една од најкрвавите битки во двегодишниот конфликт.

Москва еден ден претходно објави дека нејзините војници околу Доњецк успеале да навлезат „длабоко“ во украинските одбранбени линии.

Видете и ова: Русија продолжува со интензивните напади врз украинската енергетска инфраструктура

Украинските воени лидери претходно признаа дека Русија имала некои „тактички успеси“ во областа и дека нејзините позиции се влошени.

Шефот на украинската разузнавачка служба во Министерството за одбрана, Кирило Буданов, овој месец изјави дека ситуацијата на бојното поле за Украина најверојатно ќе се влоши од средината на мај до почетокот на јуни.

Киев чека помош од милијарди долари американско оружје, за кое се надева дека ќе ја стабилизира состојбата на главните линии на фронтот.