Приведен уште еден руски новинар поради наводна соработка со тимот на Навални

Портрет на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој почина во руски арктички затвор на 20 февруари 2024 година. (Илустративна фотографија).

Уште еден руски новинар беше приведен во Русија за „екстремизам“, а обвинет е и за снимање видео материјал за тимот на покојниот дисидент Алексеј Навални, објави на 28 април меѓународната новинска агенција Асошиејтед прес (АП).

Сергеј Карелин, кој работеше за АП, е вториот новинар уапсен поради ваквите наводи по приведувањето на Константин Габов, кој повремено работеше за новинската агенција Ројтерс и беше уапсен на 27 април.

„Асошиетед прес се многу загрижени поради приведувањето на рускиот новинар Сергеј Карелин“, изјави агенцијата за АФП, додавајќи дека бараат дополнителни информации за неговото апсење.

Габов, кој, според пишувањата на медиумите, работел и за руските телевизиски канали Москва 24 и МИР, како и за белоруската новинска агенција Белсат, ќе остане во притвор најмалку до 27 јуни, соопшти прес-службата на судот на Телеграм.

Карелин и Габов се обвинети дека помогнале во подготовка на видеа за објавување на каналот на Навални на Јутјуб, платформа што ја користи тимотна покојниот руски опозиционер, соопштија судовите.

Видете и ова: Продолжен рокот за прелиминарна истрага за смртта на Навални

Навални, најистакнатиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин, почина под сомнителни околности во затвор на Арктикот во февруари.

Неговото движење е означено како „екстремистичко“ во Русија, што ги изложува неговите поддржувачи и соработници на кривично гонење.

Повеќето сојузници на Навални се во егзил или отслужуваат долги затворски казни.

Руските власти го засилија притисокот врз независните и странските медиуми во последниве месеци во заеднички напори да ги замолчат гласовите на дисидентите по офанзивата врз Украина.

Во март, фотографката Антонина Кравцова беше обвинета и за „екстремизам“ откако таа често известуваше за судењата на Навални за SOTAvision, една од ретките медиумски организации кои документираат политички конфронтации во Русија и властите ја сметаат за „странски агент“.

Видете и ова: Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и Гершкович

Сергеј Мингазов, руски новинар кој работи за руската верзија на Форбс, беше приведен на 26 април и обвинет за ширење „лажни информации“ за воени злоупотреби во Украина.

Меѓу другите затворени новинари е и новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович, кој се соочува со обвинувања за шпионажа кои тој и американските власти ги негираат.

Руско-американската новинарка Алсу Курмашева, која работи за Радио Слободна Европа, исто така е зад решетки од октомври бидејќи, според руските власти, не се пријавила како „странски агент“.

Таа отпатува во Русија поради итна семејна ситуација во мај минатата година.