Дипломатски реакции од Западот за новиот закон против ЛГБТ лицата во Ирак

Месечината зад ирачкото знаме во центарот на Багдад, Ирак, на 5 април 2023 година. (Илустративна фотографија)

Групите за човекови права и дипломатите го критикуваа законот усвоен од ирачкиот парламент за време на викендот, со кој ќе се наметнат строги затворски казни за геј и трансродовите лица.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер во својата изјава предупреди дека законот донесен на 27 април „ги загрозува најранливите во ирачкото општество“ и „може да се користи за да се попречи слободата на говор и изразување“.

Тој предупреди дека законот може да ги обесхрабри странските инвестиции.

„Меѓународните деловни коалиции веќе укажаа дека таквата дискриминација во Ирак ќе му наштети на бизнисот и економскиот раст на земјата“, се вели во соопштението.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон го нарече законот „опасен и загрижувачки“.

Иако хомосексуалноста е табу во претежно конзервативното ирачко општество, а политичките лидери повремено започнуваат кампањи против ЛГБТ лицата, Ирак претходно немаше закон со кој експлицитно се криминализира.

Законот е донесен без најава како измена на постоечкиот закон против проституција во земјава.

Казна од 10 до 15 години е пропишана за истополови односи и затвор од една до три години за лица кои вршат операции за промена на полот и за „намерно практикување женственост“.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Што се случува на ЛГБТ „терапијата за конверзија“ во Русија?

Исто така, се забранува секоја организација која промовира „сексуална девијација“ со изрекување казна од најмалку седум години затвор, како и парична казна од најмалку 7.600 долари.

Претходниот предлог-закон против проституција, кој на крајот не беше усвоен, предвидуваше смртна казна за истополовите врски.

Ирачките власти го бранеа законот и ги прикажаа критиките за него како мешање на Западот.

Вршителот на должноста претседател на ирачкиот парламент Мохсен Ал-Мандалави, рече дека гласањето е „неопходен чекор за заштита на вредносната структура на општеството“ и за „заштита на децата од повиците за морална изопаченост и хомосексуалност“.

Раша Џунс, постар истражувач во програмата за ЛГБТ права на Хјуман Рајтс Воч, рече дека усвојувањето на законот „го потврдува ужасното досие на Ирак за прекршување на правата на ЛГБТ заедницата и претставува сериозен удар врз основните човекови права, вклучувајќи го правото на слобода на изразување и здружување, приватност, еднаквост и недискриминација“.

Во извештајот објавен од оваа организација во 2022 година, вооружените групи во Ирак беа обвинети за киднапирање, силување, мачење и убивање на лезбејки, хомосексуалци, бисексуалци и трансродови лица, а ирачката влада не ги повика сторителите на одговорност.