На 28 април, руските власти му се заканија на Западот со „остар“ одговор доколку бидат запленети замрзнатите руски средства. Рускиот државен врв констатирал дека Западот го чекаат „бескрајни“ правни предизвици и реципрочни мерки.
Претставничкиот дом на американскиот Конгрес во април усвои закон со кој се дозволува администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден да ги заплени руските средства во американските банки и да ги пренесе во Украина.
Групата Г7 со земји претставници на големи демократии, исто така, размислува што би можела да направи за замрзнатите руски средства.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Захарова изјави дека Русија никогаш нема да ги отстапи териториите одземени од Украина во замена за враќање на замрзнатите средства.
„Нашата татковина не е на продажба“, напиша Захарова на Телеграм.
Видете и ова: Како може Западот да ги искористи замрзнатите руски резерви за да и помогне на Украина?„Руските средства мора да останат недопрени бидејќи во спротивно ќе има силен одговор на оваа западна кражба. Многумина на Запад веќе го сфатија тоа. За жал, не сите“, стои во нејзината објава.
Како одговор на руската војна во Украина, САД и нивните партнери ги забранија трансакциите со руската централна банка и Министерството за финансии и замрзнаа околу 300 милијарди долари руски средства на Запад.
Повеќето од тие средства се во европски, а не американски финансиски институции.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во посебен коментар рече дека во Русија се уште има многу западни пари кои би можеле да бидат цел на контрамерките на Москва.
„Просторот за правни предизвици против конфискацијата на руските средства ќе биде широко отворен“, рече тој, додавајќи дека Русија ќе го искористи тоа.
Рускиот функционер Дмитриј Медведев на 27 април истакна дека Русија може да одговори на американската конфискација на нејзините девизни резерви замрзнати на Запад со запленување на имот и пари на американски граѓани и инвеститори во Русија.