Русија се надоврза на вчерашниот масовниот напад врз украинската енергетска инфраструктура со нов напад денеска. Властите во јужниот регион Миколајев, денеска, 28 април, соопштија дека руските самоубиствени беспилотни летала ја погодиле „инфраструктурата што генерира топлина“ и сериозно оштетиле хотел во оваа област.
Сликите објавени на каналот на Телеграм на државната служба за вонредни состојби покажуваат остатоци од оштетување на зграда и детско игралиште.
Засега нема информации за жртви во овој напад.
Воздухопловните сили на Украина соопштија дека уништиле беспилотно летало лансирано од Русија над Миколајев, како и уште четири такви други летала ширум земјата.
Нападот дојде откако руските сили силно ја нападнаа украинската енергетска инфраструктура ноќта меѓу 26 и 27 април, при што најголемата приватна енергетска компанија во Украина соопшти дека биле погодени нејзините четири термоцентрали.
Во своето вечерно видео обраќање на 27 април, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека нападите врз клучната инфраструктура ја истакнале потребата за брза испорака на дополнително оружје за противвоздушна одбрана од западните сојузници.
Видете и ова: Русија сериозно оштети четири украински термоелектраниЗеленски рече дека локациите кои снабдуваат природен гас за земјите од ЕУ намерно биле на мета на напад на Русија.
„Главната цел беше енергетскиот сектор, различни капацитети во индустријата, и електричната енергија и транзитните капацитети за гас. Особено гасните капацитети кои се клучни за обезбедување сигурна испорака до Европската Унија“, рече тој.
Во текот на изминатиот месец, руската војска го зголеми таргетирањето на украинската енергетска инфраструктура, напаѓајќи термо и хидроцентрали и друга енергетска инфраструктура речиси секој ден.
Украинските власти соопштија дека земјата изгубила околу 80 отсто од термалното производство и околу 35 отсто од капацитетот на хидроенергијата, што ја натера владата да воведе намерни прекини со електроснабдување во некои региони.
Нападната е и руската гасна и нафтена инфраструктура, вклучително и нафтена рафинерија во југозападниот регион Краснодар, која беше затворена на 27 април по сомнителен напад на украинско беспилотно летало.
Украина, која ретко коментира за таргетирање на руски локации, не ја презеде одговорноста за нападот.