Учениците од основните и средните училишта во Северна Македонија од утре, 29 април, заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен за првпат во оваа учебна година.
За првпат има промени и во календарот за настава, така што учебната 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.
Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори 2024.
Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.
Како што информираше Министерството за образование и наука (МОН), наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.
Видете и ова: Скратени часови во деновите пред изборите во училиштата каде што ќе се гласаСкопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.
За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.
„Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците“, стои во соопштението на МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести со учење во сабота.