Во Центарот за обука во Идризово денеска, 27 април, се одржа свечена промоција на која беа промовирани нови полициски службеници од генерацијата 2023-2024 година. Според податоците на МВР, едногодишната обука ја завршиле 508 нови полицајци од кои 416 мажи и 92 жени.
Техничкиот премиер Талат Џафери честитајќи им на новите припадници на полицијата посочи дека да се биде на првата линија на безбедноста е благородно и во исто време многу одговорна должност.
Џафери ги охрабри полицајците посакувајќи им да бидат чесни и посветени во спроведувањето на должностите кон граѓаните и горди на својата работа, а им испрати и порака дека треба професионално да се справуваат со новите предизвици на работата.
Видете и ова: Затворот Идризово во „вечна“ кризна состојба, инциденти во другите затвори„За професионалниот полицаец, нема помалку или повеќе важна задача. Сите граѓани се еднакво исти пред законот и имаат еднакво исто право на безбедност. Како идни полициски службеници, очекувам преку сопственото поведение и труд да покажете дека, полицијата како институција е професионална, и успешно ги остварува своите законски надлежности и задачи“, рече Џафери.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека полицајците ги очекува една нова етапа.
„Најпрво би ви порачал секојпат да имате на ум дека секој еден од вас е креатор на сопствената среќа. Вашиот успех зависи само од вас. Вашиот успех треба да заврши само од вашата стручниост, кооперативност, добра волја“, истакна Тошковски.
Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев им честиташе успешното завршување на обуката за полициски службеници, потсетувајќи на се што претходно е направено во полицијата, меѓу другото, и на реконструкцијата на Центарот за обука во Идризово.
На свеченоста беа соопштение и имињата на најдобрите полициски службеници.