Брнабиќ најави формирање на работна група за исполнување на препораките на ОДИХР

Ана Брнабиќ

На средбата на претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ со претставници на пратенички групи, политички партии на националните малцинства и граѓански организации, беше постигнат договор за формирање работна група за подобрување на изборниот процес и исполнување на препораките на ОДИХР, соопшти Кабинетот на претседателката на Собранието на 26 април.

„По барање на пратениците од опозицијата, таа работна група ќе ја претседаваат претставници на граѓанскиот сектор и нејзиното формирање е договорено за 29 април, за кога е свикана седницата на надлежната Комисија за уставни прашања и законодавство“, се наведува во соопштението.

Се додава дека не е постигнат договор за формирање на работна група за увид, ревизија и контрола на избирачкиот список.

„Пратениците на владејачкото мнозинство предложија, заради ефикасност, да се формира работно тело кое ќе може веднаш да почне со работа. На барање на пратениците од редовите на опозицијата и претставници на граѓанските организации тој предлог не беше прифатен“, пишува во соопштението.

На состанокот присуствуваа претставници на пратеничките групи - Александар Вучиќ - Србија не смее да застане, Народно движење на Србија - Ново лице на Србија, Ивица Дачиќ - Социјалистичка партија на Србија, Зелено - Левичарски фронт, Не вивимо Белград, Ми - Гласот на Народ, ПУПС - Солидарност и правда, Социјалдемократска партија на Србија, ПС-НСС-УСС-РС, Драган Марковиќ Палма - Единствена Србија, Еколошко востание, како и претставници на граѓанските организации ЦРТА, Транспарентност Србија и ЦЕСИД.

Видете и ова: Локалните избори во Србија и изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни

Претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ, за 2 јуни распиша локални избори во 66 градови и општини во Србија каде што не беа одржани во декември минатата година, кои ќе се одржат истовремено со претходно најавените избори во Белград. Изборите за Белград се одржаа на 17 декември заедно со парламентарните и покраинските избори. Тие се повторуваат затоа што ниту една партија или коалиција не освои доволно гласови за формирање влада.

Опозицијата во Србија е поделена околу тоа дали треба да учествуваат или да ги бојкотираат. Свое учество на изборите најавија Зелено-левичарскиот фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Новото лице на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Центарот Србија и НАДА коалицијата најави дека нема да учествува бидејќи смета дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

По изборите на 17 декември, опозицијата ја обвини власта за кражба, што владејачката Српска напредна партија (СНС) и државниот врв го отфрлија таквото тврдење.

Меѓународните и домашните набљудувачи констатираа нерегуларности на изборите. Меѓународната набљудувачка мисија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) издаде 25 препораки до српските власти за подобрување на изборните услови.