Вучиќ изјави дека не мисли оти Декларацијата на Собранието на Србија за Сребреница е добра

Претседателот на Србија за време на неговото обраќање на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации на 22 април 2024 година во Њујорк, САД

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, 25 април, изјави дека не мисли оти Декларацијата на Собранието на Србија за осуда на злосторството во Сребреница, која беше усвоена во 2010 година, е добра, иако терминот геноцид не се споменува во неа.

„Мислам дека таа Декларација не беше добра, мислам дека е составена од надворешен фактор. Не мислам, туку знам, но секој има право на свое мислење“, рече Вучиќ во изјава за новинарите од Србија во Њујорк.

Во 2010 година, српскиот парламент ја усвои Декларацијата, која се однесува на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, која утврди дека во Сребреница во јули 1995 година бил извршен геноцид, а текстот го осудува злосторството на начин утврден со пресудата на споменатиот суд, без да се спомене терминот геноцид.

Вучиќ отпатува за Њујорк на 21 април за да присуствува на сесијата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), каде се дискутираше за извештајот на УНМИК.

Тој ја искористи посетата за да разговара со претставници на неколку земји пред гласањето за Резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница во обид да го спречи усвојувањето на тој документ.

Видете и ова: Невладини во Србија ги повикаа властите да ја поддржат резолуцијата на ОН за геноцидот во Сребреница

Предлогот за Резолуција за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот треба да се најде на дневен ред на Генералното собрание на ОН кон почетокот на мај.

Во документот до кој Радио Слободна Европа имаше пристап, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница, како и дејствијата со кои се величат осудените за воени злосторства, вклучително и одговорните за геноцидот во Сребреница.

Резолуциите на Генералното собрание на ОН претставуваат официјален израз на ставот на ова тело и како такви не се обврзувачки за земјите-членки.

И покрај пресудите на меѓународните судови, официјален Белград негира дека во јули 1995 година бил извршен геноцид во Босна и Херцеговина и убиството на повеќе од 8.300 бошњачки цивили го нарекува „страшно злосторство“ или „масакр“.