Шеснаесет земји во заедничка изјава повикаа на итно ослободување на заложниците во Газа, нагласувајќи дека тоа ќе придонесе за прекин на огнот и ќе овозможи испорака на хуманитарна помош.
„Ние силно ги поддржуваме тековните посреднички напори за враќање на нашиот народ дома. Го повторуваме нашиот повик до Хамас да ги ослободи заложниците и да ни дозволи да ставиме крај на оваа криза, за да можеме заеднички да ги фокусираме нашите напори за воспоставување мир и стабилност во регионот“, се додава во заедничката изјава на Аргентина, Австрија, Бразил, Бугарија, Канада, Данска, Франција, Германија, Унгарија, Полска, Португалија, Романија, Србија, Шпанија, Тајланд, Обединетото Кралство и САД.
Во текстот се нагласува дека „договорот за ослободување на заложниците ќе доведе до итен и продолжен прекин на огнот во Газа, што ќе овозможи испорака на дополнителна неопходна хуманитарна помош да се достави низ Газа и да доведе до сигурен крај на непријателствата“ и „жителите на Газа ќе можат да се вратат во своите домови и имоти со претходно направени подготовки за обезбедување засолниште и хуманитарна помош“.
Видете и ова: Војната во Појасот Газа влезе во седмиот месецИнаку преговорите меѓу Израел и Хамас (организација која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) за обезбедување примирје во Газа и размена на заложници се во застој.
Катар, заедно со Соединетите Држави и Египет, е ангажиран во неколкунеделни разговори за да се обезбеди примирје во Газа и ослободување на израелските заложници во замена за палестинските затвореници кои се чуваат во израелските затвори.
Војната во Појасот Газа избувна откако Хамас изврши напади во Израел на 7 октомври минатата година, кога според израелските податоци загинаа 1200 луѓе, а беа земени 253 заложници.