На 24 април, руската комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова објави договор со Украина за размена на речиси 50 деца раселени поради инвазијата на Москва, но украински функционер одби да го потврди договорот.
Марија Лвова-Белова најави дека 29 деца треба да заминат во Украина, а 19 во Русија. Таа рече дека договорот е постигнат во „разговорите со украинската страна“ во Доха.
Меѓутоа, додека руските и украинските официјални лица се сретнаа со катарските посредници, украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец за АФП изјави дека „не може да ја потврди информацијата“.
Украинскиот функционер додаде дека двете земји „немаат директна комуникација за овој случај“.
Според официјалните податоци на украинските власти, до крајот на минатата година од Украина во Русија биле однесени најмалку 19 546 деца. Бројката се однесува само на оние случаи кои се официјално евидентирани, а се верува дека вистинската бројка е значително поголема.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, вратени се само 517 деца.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) во Хаг, минатиот март издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и Марија Лвова-Белова, комесарка на Москва за правата на децата, под обвинение за воени злосторства поврзани со илегалната депортација на украинските деца, заедно со илегалното префрлање луѓе во Русија од Украина од нејзината инвазија во февруари 2022 година.
Видете и ова: Украински тинејџер по депортацијата во Русија, вратен во Украина: Духот не ни е скршенМКС објави дека Путин и Лвова-Белова се обвинети дека „вршиле дела директно, заедно со други и/или преку други“.
МКС објави дека Путин „не спроведувал соодветна контрола над цивилните и воените подредени кои извршиле дејствија или дозволиле нивно извршување и кои биле под негова ефективна власт и контрола, во согласност со одговорноста на претпоставениот“.
Кремљ ги отфрли обвинувањата за присилна депортација. Руските власти тврдат дека ги „спасиле децата“ од воените дејствија и се подготвени да ги вратат оние што ги бараат нивните родители и старатели.