Ковачевски: Jасно е дека луѓето нè казнија, го прифаќаме тоа, очекуваме подобри резултати во вториот круг

Северна Македонија - Димитар КОвачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година

Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по првичните неофицијални резултати од претседателските избори во Северна Македонија.

Првичните резултати се дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова е во убедливо водство пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.

Ковачевски рече дека имаат уште две недели да испратат порака до секој граѓанин дека единствениот начин за суштинска и вистинска промена е европската интеграција на Северна Македонија.

„Знаеме дека граѓаните с емногу уморни од европскиот пат, Европската Унија не ги одржа ветувањата, но нема друг пат. Време е да ги ставиме настрана сите разлики, да се обединиме околу европската иднина на земјата. Ако ја пропуштиме шансата ќе ни треба многу време да се вратиме на вистинскиот пат. Знам дека наши поддржувачи се разочарани, но не е доцна, не смееме да се откажеме, ќе работиме секој ден на терен да ја добиме поддршката. Нема да ги наведнеме главите, ќе продолжиме да се бориме“, рече Ковачевски.

Видете и ова: Пендаровски:Резултатите не се какви што очекувавме, нема предавање

На прашање дали чувствува одговорност за изборниот резултат и дали размислува да понуди оставка од лидерската позиција, тој кажа дека за тоа ќе се дискутира во партијата по 8 мај, кога ќе се одржи втор круг претседателски избори кои се во ист ден со парламентарните избори.

„Никогаш не сум бегал од одговорност. Ова е само прв круг, во вториот круг очекуваме подобри резултати. Што ќе се случува после избори одлучуваат партиските органи. Имаме втор круг од претседателски избори и парламентарни избори пред нас. По тие резултати ќе се разговара на Конгресот на партијата. Ова прашање ќе ми го поставите после две недели, а може и нема да мора да ми го поставите“, рече Ковачевски.

Според податоците на Државната изборна комисија (ДИК) од преброени 90,25 отсто од гласовите, кандидатката за претседател на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова со освоени 325.150 гласови (39,95%) е во убедлива предност пред Стево Пендаровски од СДСМ со 162.062 гласови (19,91 %).

Гласачките места беа отворени од 7 часот до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.