Тапани во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, воздржаност кај СДСМ

Колаж илустрација од атмосферата во штабовите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, 24.4.2024 година, Скопје, претседателски избори во Северна Македонија

Тапани и знамиња пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, молк и воздржаност кај СДСМ, е атмосферата од изборните штабови што ја пренесуваат репортерите на Радио Слободна Европа (РСЕ) откако Државната изборна комисија (ДИК) вечерва почна да објавува првични нецелосни резултати од изборите за претседател на Северна Македонија што се одржаа денеска, на 24 април.

Атмосфера пред штабот на ВМРО-ДПМНЕ, Скопје, претседателски избори, 24.4.2024 година

Млади со знамиња пристигнаа пред главното седиште на ВМРО-ДПМНЕ, таканаречената „Бела палата“ во центарот на Скопје, каде ќе го следат обраќањето кандидатката за претседател Гордана Силјановска - Давкова најавено за во 22 часот. Во штабот се чувствува победничка атмосфера, а луѓе допрва почнуваат да доаѓаат, јави репортерот на РСЕ.

Во штабот на СДСМ, лоциран во хотелот „Александар Палас“ е речиси празно, пренесе репортерот на РСЕ. Досега, освен новинарските екипи, таму пристигнаа само неколкумина од повискоите партиски функционери - заменик претседателката Сања Лукаревска, министрите Бојан Маричиќ, Славјанка Петровска, Стефан Богоев и претставници на некои од помалите коалициски партнери.

Изборниот штаб на СДСМ, 24 април 2024 - претседателски избори во Северна Македонија

Таму засега нема ни видео-бим за следење резултати, а досега не се споделуваа никакви информации со новинарите. Единствената најава е дека во 22.30 часот најверојатно ќе се обрати претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова води во првиот круг од претседателските избори, покажуваат првичните нецелосни резултати на Државната изборна комисија (ДИК).

На речиси 72,21 отсто обработени гласови, таа освоила 251.461 глас или 39,25 отсто. Втор е актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата За европска Македонија, Стево Пендаровски со 123.265 гласа – 19,24 отсто.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова води во изборната трка, Пендаровски втор

Кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи има 92.885 гласа што е 14,50 отсто. Зад него е кандидатот на коалицијата Вреди, Арбен Таравари со 66.917 глас – 10,45 отсто.

Според досегашните податоци на ДИК, Максим Димитриевски од ЗНАМ е следен по бројот на освоени гласано – 53.982 или 8,43 отсто. Билјана Ванковска од Левица, пак, има 28.671 гласа – 4,48 отсто, а последен е Стевчо Јакимовски од Гром и коалицијата „Храбро за Македонија“ со 5.467 или 0,85 отсто.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.